Животот е патека што најчесто сами ја избираме и трасираме во зависност од желбите, можностите, семејните и општествените услови. Но, во некои изминати времиња, најчесто во периоди кога се менувале и развивале  општествено-политичките односи,  животниот пат и местото на живеење  на повеќе луѓе бил определуван  со декрет, односно наредба. Периодот  по Втората светска војна , освен по интензивната обнова и изградба на разрушената и опустошена земја, се карактеризира и со значаен подем на општествените институциите, посебно од областа на здраството и образованието. За да се обезбеди соодветен стручен кадар за територијата на цела  Македонија,  соодветните министерства   ги распоредуваа, посебно помладите интелектуалци,   во која институција да  работат. На овој начин голем број образовани луѓе, заедно со нивните потесни семејства,  го променија  местото на постојано живеење .

“Во почетокот на учебната 1950-1951 година од Министерството за образование бев  назначен да работам во Гимназијата во Охрид “–се сеќава професорот Цветан Беличански од Прилеп.   ” Успешно ги завршував студиите по Национална и Општа историја на Филозофскиот факултет во Скопје и за мене беше голем предизвик  да почнам  да работам како професор   токму во оваа реномирана образовна институција, во градот со богато културно–историско минато, во градот каде делувале и просветителите Свети Климент и Свети Наум. На 11 октомври со сопругата и неколкумесечниот син стигнавме пред Гимназијата во Охрид. За нас не беше обезбедено соодветно живеалиште,  па привремено моравме да живееме во училница на приземјето од Гимназијата. Условите за живеење беа многу тешки, но друг избор немавме. Сопругата целосно се посвети да го негува  детенцето  кое беше со кревко здравје, а јас со огромен ентузијазам и се предадов на професорската работа…”– живо  раскажува професорот Беличански.


  Од пензионерските денови на професорот Беличански

Иако скоро три децении е пензионер, професорот Беличански раскажува  елоквентно, сигурно  и необично интересно. Години, имиња, податоците, презентира како да чита од некој многу солиден  учебник по историја. Раскажува прецизно  за организираноста на  Гимназијата во тој период, нижа или прогимназија до трети клас и полна гимназија од четврти до осми клас. Точно раскажува во која учебна  година на кои класови им предавал, кои биле неговите колеги, а одлично се сеќава и на повеќето  свои  ученици и нивните подоцнежни професионални достигнувања:
 
“Во периодот кога работев во оваа образовна институција нејзин директор беше професорот по географија од Прилеп Ѓорги Елимов, а географија предаваше  неговата сопруга Ана. Мојот сограѓанин Гоце Стефаноски предаваше македонски јазик. Професор по математика беше Бошко Јанев, а физика предаваше  професорот Стоицев, кој беше од Источна Македонија. Од Ваташа беше професорот по хемија Методија Пачаџиев, а од Битола  професорот по географија  Димитар Каранфилоски. Посебен авторитет во градот и во колективот  имаша професорката по биологија Елена Хаџиева, која имаше докторирано во Виена, но  заедно со сопругот, врвен инженер , по завршување на образованието се вратиле во родниот Охрид. Историја покрај мене предаваше и мојата ценета колешка Милица-Мица Маркоска родум од с. Јанковец, а се омажи за охриѓанецот Ефтим Маркоски. Добро се сеќавам и на професорката по француски јазик Зердева, а по руски Евдокија Љушкова. Емилија Срмабожова предаваше хемија, уметност стружанецот Стефан Нестор,  фискултура Владимиров, а предвојничка обука држеше Алфонс Герикочески. Сопругата на писателот Борис Бојаџиски беше професорка по психологија. Се сеќавам и на наставникот по руски јазик Владимир Попоски. Неговата ќерка се повреди на час по физичко образование и на голема жалост од целиот град, малку потоа почина.За време на мојот работен ангажман во Охрид контактирав и со теологот Бранко Ковачески и историчарот Стојмир Ристески кои покасно беа директори на охридската Гимназија. Исто така во оваа институција работеше и професорот Спасе Куљан кој во еден период беше претседател на Општина Охрид.“

Од оваа година професорот Беличански зачекори во десеттата декада од животот. Во својот богат работен век, покрај во Охрид, работеше најпрво како професор, а потоа и како директор на Гимназијата “Мирче Ацев” во Прилеп.  Следниот негов професионален ангажман беше во Вишата педагошка школа во Битола (сегашен Педагошки Факултет), а потоа и во Вишата педагошка школа во Скопје, која сега е прерасната во Педагошки факултет ”Свети Климент Охридски”. Неговото богато педагошко искуство во разни средини и во еден долг период му дава за право да цени за квалитетот на учениците и студентите во одредена средина. На прашањето на што се должи  одличното реноме на охридската  Гимназија , професорот Беличански многу децидно одговори:

“За тоа и јас доста сум размислувал. Сметам дека, покрај квалитетниот  наставнички кадар, за успешноста на овие средношколци  многу допринесе нивнoто домашно воспитување, дисциплината и трудољубивоста. И денес со восхит се сеќавам на Светиклиментовите охридски гимназијалци кои вредно и темелно учеа. Тука се образуваа и деца од Струга, Ресен и од руралните средини. Имаше многу сиромашни деца кои престојуваа во Училишниот интернат и со помош од општествената заедница се школуваа. Најголем број беа  многу совесни и вредни. Учеа и  деца  од турска националност, не беа многубројни, но не заостануваа во учењето во однос на другите. По Втората светска војна овие краеви беа слабо стопански развиени, па децата, секако, поучени од повозрасните, настојуваа со совесно учење и многу работа да си обезбедат подобра иднина  за себе и за своите  семејства. И денес, по многу години, сметам  дека од  патријархалната средина  на тие краеви произлегуваа добро воспитани, вредни и бистри момчиња и девојки, кои подоцна станаа солидни интелектуалци. За периодот од  три  години што го поминав во Охрид се сеќавам дека се случи само еден полесен инцидент да се конфронтираат професор и ученик. Помнам дека  во 1952 година со наставничката по руски јазик Евдокија Љушкова ги водевме учениците од  VII клас низ Македонија, Србија и Војводина, а наредната година заедно со мојот колега Алфонс Герикочески,  учениците од VIII клас на екскурзија од Охрид до Риека. Посетивме многу значајни културно-историски и географски места и стопански објекти. И двете патувања поминаа во најдобар ред,  а фотографиите од  Калемегдан   често ме потсетуваат на тие денови. Тука се моите ученици: Тилева, Симончева, Коцарева, Кречова, Димзова, Баткоски, Манев, Деребанов… Неколкупати, со големо задоволство, сум доаѓал на нивните прослави на годишнини од матурата, а за повеќето од нив со задоволство се информирав како напредуваа во своите професии. Од тие редови се издигнаа значајни јавни личности како поетот Јован Котески, писателот Живко Чинго, врховниот судија Кирил Чавдар, универзитетскиот професор  и академик Цветан Грозданов, врховниот судија Павел Манев, универзитетскиот професор Бранко Трпеноски, инженерот Владо Симонче, новинарот и публицист Љубен Баткоски, лекарот Деребанов и други видни интелектуалци кои му дадоа посебен  белег на своето време. Поминаа долги години, но убавите спомени останаа…”


Со охридските матурантки и матуранти -1953 година, Калемегдан, Белград
                                                                                                                            

Во средината на минатиот век во Охрид  и во други градови од внатрешноста тешко можеше  да се обезбеди солидно живеалиште. Нови градби имаше  многу малку, а другите беа трошни и стари. Со ова посебно се соочуваа младите брачни парови и луѓето дојдени од другите места.        
       
“Надлежните не можеа долго време да го решат нашето станбено прашање. Ни определија сместување во една воена зграда кај поранешниот Дом на ЈНА, но заради голема влага повторно се вративме да домуваме во зградата на Гимназијата. Дури во јули 1952 година, со лично ангажирање на тогашниот Министер за просвета Методија Соколоски бевме сместени во куќата на Ристо фурнаџијата, кај Старото кино. Тука за брзо време многу се спријателивме со нашите нови газди, синот на Ристо,  кожарот Димче  и неговата сопруга Климентина. Беа добри луѓе, спремни да ни помогнат во многу ситуации. Во Охрид стекнавме многу пријатели, а подоцна и роднини. Од почитуваната Д-р Елена Етингер Каваева научивме многу за правилна нега на нашето дете, а  прекрасни совети добивавме и од  Д-р Шорко и  Д-р Милосављевиќ. Многу сум благодарен на охридските лекари и персоналот во здравствените организации кои со голема грижа ни помогнаа да го зајакнеме здравјето на  нашиот нежен  син. Тешкотиите што ги имавме како резултат на несоодветното сместување некако се компензираа со љубезноста на луѓето, со нивната срдечност и гостопримливост. Топлина и разбирање  зрачеше и од интелектуалците, но уште повеќе од обичните луѓе: пазарџиите во понеделник кога љубезно ги нудеа своите производи, рибарите кога на Пристаништето го вадеа својот лов и стрпливо ни објаснуваа какво ќе биде времето, домаќинките кои не учеа како се прави вкусна охридска  чорба од плашици, семејството на брашнарот Никола-Коле Дуков кое често не гостеше со прекрасни охридски специјалитети, послушните ученици кога мојата сопруга ќе ги замолеше потивко да разговараат за да не го пробудат детето, поединците кои несебично ни помагаа мене и на професорот Димче Маленко да го организираме Летниот младински камп во старата зграда на Основното училиште  “Свети Климент Охридски”…“
         
Се редат спомени. Крепките  зборови  на професорот Беличански  привлекуваат  како магнет, зошто создаваат  перцепции за едно поинакво време, време кога на цена беа  и душата и знаењето и почитувањето. Тие вредности останале во сеќавањето на овој човек со богато  работно и животно искуство, човек кој Охрид и охриѓани најповеќе ги помни по добро. Самиот за себе вели: ”Строг бев, ама правичен!  За ова најдобро можат да судат неговите ученици и колеги, кои на жалост, се малубројни.
        
Инаку, професорот Цветан Беличански за време на својот престој во Охрид беше и општествено-политички ангажиран. Во  Гимназијата две години беше  раководител на партиската и синдикалната организација, а за разни поводи и годишнини држеше  пригодни говори и предавања, не само пред учениците туку и на разни манифестации во градот.  Посебен ангажман имаше  во 1953 година кога се славеа  50 години од Илинденското востание:
         
“Бев организатор на Илинденската вечер што се одржа во тогашниот хотел “Белви”. Со пригодна прослава се одбележа значајниот датум. По истиот повод во Народниот музеј во Охрид се формира Историско одделение за кое собирав и систематизирав материјали (слики, документи, оружје и сл.). Направив список на Илинденци-учесници во востанието од Охрид и Околијата. Одржав говор во местото Рашанец каде по Востанието бил организиран збег на населението. Го составив и текстот напишан на Спомен-плочата на Куќата од Христо Узунов. Во тој период до рака ми дојдоа две значајни книги издадени порано:  првата е ”Исповед на еден македонски четник” од американскиот новинар Алберт Сониксен, кој во Македонија учествувал во борбите против Турците во состав на македонските комитски чети, а другата е од англискиот публицист Хенри Брејлсфорд, голем добротвор кој во Македонија формирал три болници.”
         
Се сеќава професорот Беличански и за прославите на 7 ноември, денот на ослободувањето на Охрид  кога со учениците учествуваше во импровизиран напад на градот, прославите на Единаесетти  октомври, Дваесет и деветти ноември, Први мај,  Дваесет и петти мај…Сите беа проследени со пригодни прослави на кои тој земаше учество со свои излагања. Како историчар ја проучуваше историјата на Охрид, при тоа најмногу му помогнаа  искажувањата на постарите луѓе. Спрема неговите зборови, за тоа добил  голема помош  од  библиотекарката Вера Групчева, вработена во Градската библиотека во Охрид. Како резултат на овој ангажман, подоцна, во списанието “Историја”, орган на Сојузот на историчарите на Република Македонија е објавен неговиот труд  “Владеењето на Џеладин-бег во Охрид и Охридско”.
         
“Секоја година пишував молба да се вратам со работата во Прилеп. Во средината на 1953 година се донесе закон со кој Гимназиите преминаа во надлежност на Околиите. Тогаш Претседателот на Охридска Околија,  мојот познаник Сандре Стрезоски,  ме ослободи од обврската да работам во охридската Гимназија и на 9 август истата година се вратив со семејството во Прилеп.  Да имавме подобро сместување можеби ќе останевме засекогаш да живееме во Охрид. Неговите убавини и вредни споменици, често ги  презентирав и пред моите колеги во Белград каде патував како сојузен пратеник. За мене и моето семејство Охрид е голема љубов. Многу пати летувавме во еден од најубавите  делови од градот кај нашите блиски роднини, семејството на Александар и Блага Карадимче, кои беа прекрасни домаќини. Нивните комшии, роднини и пријатели станаа и наши пријатели со кои се дружевме во долгите пријатни прошетки крај Езерото, на плажата  во Канео или на приредбите на “Охридско Лето”. Многу  жалам  што не успеавме уште еднаш, заедно со сопругата,  да го посетиме Охрид, во кој ги поминавме првите заеднички години… Секој поединец, секое семејство поминува низ  сите фази од животот, а убавите спомени  треба да ни дадат позитивна енергија за  да ја прифатиме реалнoста”.
       
Професорот  Беличански остави свој траен белег  во Охрид, Прилеп, Битола, Скопје, Белград, но и пошироко. Тој е коавтор на учебниците по историја за средно образование од 1982 и 1986 година кои се цитирани и во еден современ научен труд на Универзитетот од Болоња, а кој се однесува на историјата и политиката  во учебниците на Македонците за периодот од 1978–1998 година.              

Виолета Карадимче Јанева

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни  се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.