Жителите, сопствениците на пансиони и хотели како и туристите во Охрид со доаѓањето на новата општинска власт се надеваа дека проблемите со ноќната бучава ќе бидат решени. Но од тоа нема ништо. Спротивно, претставниците од општината бараат жителите да покажат разбирање за туристичката гранка.
Ставот е неиздржлив, затоа што со тоа им се дава единствено приоритет на сопствениците на неколку барови и дискотеки, додека сопствениците на пансиони и хотели кои имаат направено и далеку поголеми инвестиции се соочуваат со непополнети капацитети и загуби затоа што туристите ги избегнуваат објектите кои се изложени на бучавата.
Општинската власт треба да работи за интересите на сите групи, како и да го заштити здравјето на граѓаните. Еден начин на тортура е да не му се дозволи на лицето да спие. Ноќната бучава, која може да трае и до четири часот наутро, од свирките на некој Аца или Харис е всушност една таква тортура со таа разлика што ние туристите плаќаме за неа.
Се кажува дека кралевите порано излегувале маскирани меѓу обичните луѓе за лично да дознаат што се зборува меѓу народот. Јас би предложил една слична метода: охридскиот градоначалник да отспие една недела во стариот град и да видиме како тој после таа недела ќе се справи со своите работни задачи.
Јасно е дека во Охрид има доволно публика која ѓи посетува концертите кои ја прават ноќната бучава. Јас не сум на мислење дека треба да се престани со тие концерти. Мое мислење е дека Општина Охрид треба да им понуди локации на сопствевениците на баровите и дискотеките од кои локации нема да се пореметува ноќниот мир.
Јован Христовски
*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.