Кога во август 2008.год. водостојот на Охридското езеро драматично се намали, многумина тврдеа дека е тоа за да си произведе Албанија електрична енергија и возбудено бараа да се запре истекот на Дрим. Во општата паника се вклучи и Советот на општината и со една, сега веќе би рекол историска декларација од 21. 08. 2008.г., реши водостојот да се поправи!

По тој повод во нашиов весник ми беше објавено писмо со наслов „Додоле“.
Во него ги напишав и следните зборови:

Во сушните години Најдо се накитуваше со венци сплетени од растенија, земаше котле со вода, тргнуваше низ сокаците и го изведуваше додолскиот ритуал.
    
Ќе запееше: „Да заросит ситна роса, ој луле, ој! Да нарастит бериќетот, ој луле, ој!“ – и притоа прскаше и се посипуваше со вода. Така молеше и успеваше Најдо. Ако не веднаш, по некој ден или седмица, ќе заврнеше. И остана во Охрид, кога некој убаво ќе накисне, да велиме: „Се стори ојлуле“.
    
Денес, после долго време, веќе втор ден врне. Не сум сигурен дека за тоа се заслужни многубројните апели и иницијативи за спас на езерото, та дури ни декларацијата на градскиот Совет. Можеби … Штом успеваше Најдо ….Во секој случај, дождот, заедно со заладувањето, добро ќе му дојде на езерото кое, за волја на вистината ги живее своите поодминати години.

Забележувате дека изразив определена резерва во моќта на таквата декларација. Грешка! Голема грешка! Извинете! Не да следеа ефекти!

Гледајте до каде стигнавме: езерото се наполни и се преполни, дури и истата таа Албанија се поплави и Охрид и Струга и Луково и  Пештани и … многу! Не сум сигурен дека и поплавите во Србија не се некој колатерален ефект од декларацијата.

И, денес го гледам претседателот на ВМРО НП како, во една впечатлива поза на класичен оратор, најавува иницијатива за расправа на Советот за зголеменото ниво на езерото. Одлична идеја!

Само, се плашам дека, додека ја чекаме редовната седница, ќе се загуби многу од драгоценото време. Затоа би требало да се одржи итна седница и на неа да се донесе „контра-декларација“ со која ќе се поништи претходната и ќе се запре порастот на нивото на езерото. Зашто метеоролозите најавуваат нови врнежи за задутре.

Дајте барем наскоро да задува еден северен сув ветар, та да однесе малку испарување од површината и заедно со три пати поголемиот истек на Дримот од просечниот, бргу да го доведеме езерото во ред. Знаеме колку брзо се сушат алишта на ветар, нели? Некои велат: -„Ветар на магла“. Не е точно! Искуството ја докажа моќта на декларациите на Советот.

Инаку ВМРО НП сега е осетно помалубројна во Советот отколку во минатиот состав, но затоа пак овој пат и јавно има силен коалиционен партнер со кого не ќе биде проблем да ја реализира идејата. Ефектите од ваквата постапка се потврдија во пракса, нели!

П.С. Верувам дека и ова писмо, како и оние до сега, ќе го објавите. Благодарам. Но исто така верувам дека забелешката оти тоа не значи и согласност со изнесените ставови и овој пат ќе стои, што не е случај со сите дописи. Но-што е сигурно, сигурно е!

Иван Огненов
авторот е поранешен советник