По објавувањето на новиот тендер за продажба на државно градежно земјиште во комплексот Горица во Охрид, за изградба на луксузен хотел, различни се реакциите во јавноста.

Локалната самоуправа ја поздрави најновата иницијатива на  Владата и особено намалените критериуми за продажба на градежното земјиште во Горица, што според неа е единствен начин на привлекување странски инвеститори кои се неопходни за развој на туризмот.

Но, дел од јавноста има и поинакво видување. Граѓанин во отворено писмо испратено до нашата редакција прашува кој им дал право на властите да продаваат државно земјиште во Охрид, кој, според него  и така е преурбанизиран.Жално што и локалната самоуправа дозволува да се гради  во Националниот парк Галичица, се вели во реакцијата..

– Ја разбирам потребата за подобрување на лошите прилики на туризмот во Охрид и Македонија, за донесување на бренд хотелски ланец за исполнување на критериумите кои ги бара современиот туризам – но уништување на ова мало парче место за профитирање на одредени човечки суети – тоа не смееме да го дозволиме. Во Охрид има веќе постоечки инфраструктурни градби (милијарда одморалишта лоцирани на атрактивни локации покрај крајбрежието) кои можат да се преадаптираат за потребите на владините дезориентирани барања, стои во писмото на граѓанин на Охрид кој сака да остане анонимен. Во прилог тој ни испрати и фотографии од местото на кое се наоѓа предвидената локација.


-Не барам да се согласувате со моето мислење. Јас сум сепак граѓанин на оваа земја кој не се согласува со одредени постапки со одговорните кои мислат дека се семоќни и можат да прават што сакаат, и едноставно имам право да го кажам своето мислење, се вели во граѓанската реакција.

Ohridnews

Важно:
Ставовите изнесени во рубриката Ваши ПИСМА, не се ставови на редакцијата на „Ohridnews“ и таа не сноси одговорност за изнесеното во текстовите.

Од редакцијата