Лето 2008. Наша летна дестинација е………….?
Ништо ново, ништо посебно и ништо чудно: Македонија. Охрид. Иако имаме можности да одиме за 299 евра (лет и хотел, all inclusive, јадење и пиење неограничено) 8 дена на Турско море. Или за 350 евра покрај шпанската Коста Брава. Или Бразил. За 799 евра. На сончев, весел и незаборавен одмор. Или 9 дена Куба за 999 евра; хотел, лет rent a car. Со евтиниот американски долар спрема еврото можеме да одиме 14 дена (Fly and drive) од Флорида спрема Калифорнија. Или Њујорк, Лас Вегас, Сан Франциско и Лос Анџелес.
Можеме да одиме Шри Ланка, Тајланд, Индонезија, Нов Зеланд, Кенија, Јужна Африка (комплетен сафари, феноменална природа, со слонови, тигри и зебри). Можеме да одиме Перу, Хондурас, Венецуела, Непал, Индија. И ќе се вратиме од таму со милион искуства и животни лекции. Во сигурно 70% од овие места можеме да патуваме ова лето. Сега правиш резервација преку интернет и ако имаш среќа утре седиш со голема насмевка в авион. Се е можно. Не се работи за пари. Не сум финансиски богат човек! Но во западов има толку конкуренција помеѓу туристичкиве агенци и авио-компании. Ако не кај едниот тогаш кај другиот. За исплатливи цени можеш да патуваш низ цел свет. Само треба да бидеш креативен, решителен и флексибилен. За секого има нешто. Од евтино, средно до скапо. Ама ако ме праша некој пријател или колега:”Абе, каде ова лето?” Јас ќе одговорам: Да, пак Македонија и Охрид. Нема дискусија. Точка. Зошто? Некој оди на одмор да се одмори. Ние одиме на одмор да се умориме. Уморување од активен одмор. Покрај блиските, сонце, топлина, добрина, природа, езера, богата историја, култура, љубезен и гостопримлив народ. Најважен дел од мојот летен одмор во Охрид е мојот роден крај. Во село Плаќе, со Плаќенската планина. Ако сум барем минимално еден ден овде тогаш мојот летен одмор е веќе успешен. Каква Куба, (мислам Куба Либре…) Со ранец, лепче, вода и мезе. И едно ќебенце за да се одмориш. В планина. Со миризби од чај, дрво, трева и цвеќиња. Далеку од приватни плажи, локални џекој, новите скутери, издавани шанкови, мерцедеси, скопјанки, маса-туризам, гужви, нервози за паркинг, мобилни телефони, интернет, рампи и чекор по чекор низ чаршијата. Далеку од ова сум еден со само природа, тишина, мир, со друштво, и со неколку селани. Со селски муабети. За било што. Најинтересна тема е ако те прашат некој стар селанец (со цигаре со бел филтер): Абе како е таму горе? Тие разговори почнуваат со временски, морски детали за Холандија и завршуваат со коли на струја и како се движат цените на пазар во Охрид за сирење и печурки. Па после селската авантура си уживам покрај целата Охридска ривиера. Јака комбинација.
Летото веќе почна. Охрид се припрема. Од Канада, Европа, Америка, до Австралија Македонци се спремни да идат во Македонија. Секој со своите планови и долго очекувани слободни денови. Охрид чека гости. Од цел свет. Што ќе биде хит?, актуелно?,популарно?, квалитетно?, пријатно или глупаво неорганизирано? Се и секој еден се припрема за лето 2008. Охрид е супер дестинација. Ок, треба стварно уште доста работи да се средат. А во некои работи само некој детали треба да се подобрат, за уште подобар квалитет. Од плажи, клубови, кафани, таксисти, приватни апартмани, дуќани, ресторани, хотели до сендвичари. Нашиот фамилијарен компромис е успешен. Лето и зима доаѓаме во Охрид. Супер микс од летна атмосфера и зимски празници. А во мај или октомври секоја година се трудиме да одиме на друго место, нешто ново да видиме, во други држави. На крај пак вкупно повеќе пари се трошат во Македонија. Ваму, таму, ова, она. Воопшто не ми е криво. Да, стварно. Ова лето за тие пари можеме слободно да одиме во споменатите дестинаци по цел свет. Ама Охрид си е Охрид. Затоа што Македонија е неискористен, неизработен, груб, вреден дијамант. А ние (Македонската диајспора) имаме среќа да бидеме дел од ова македонско богатство. На англиски би звучело вака Macedonia : а raw diamond in South East Europe.
Им пожелувам на сите добро лето, било каде.
Влатко де Вриеж
Амстердам-Холандија