Писмо во вид на еден краток одговор на гледањата на еден човек кој одамна е тргнат од високите места на ДПМНЕ и сега своите фрустрации ги лечи со замајување на јавноста.

Вие го отворивте српскиот офицерскиот дом, ние мораме да ја спасиме Македонија од режимот кој го донесовте во државата. Ние сме ортувале со кадиите и судиите на Методија Андонов – Ченто, а синот на неговиот директен судија е во вашите први борбени редови. Правите пропаганда на српската култура каква што нема ни во Србија. Наједноставен пример е Пиво фестот во Прилеп.

Воинот на коњ, за кого се срамите и името да му го споменете, го исправивте, незнаејќи дека тоа е против демохристијанските вредности за кои упорно удирате со главата во ѕид дека ги поседувате. Лавовот го веете на знамињата, а отидовте со двоглавиот орел. Учествувавте ли и вие лично во гласањето на законот за амнестија на хашките случаи?! Го поддржувате ли тој закон?! Со наметнувањето на сила на антиквизацијата вие јавно се откажувате од СВ. Климент, Св. Наум, Светите браќа Кирил и Методиј. Дејците на ВМРО се превртуваат во гробот кога го гледаат ова ваше лудило денес.
Зарем со споменици и национализам ќе ја докажувате кој бил десно, а кој не, иако сите економски потези наликуваат како да ги правеле Ѕинго и Али Ахмети. Токму со нив, со Драган Павловиќ – Латас, Љубисав Иванов –  Ѕинго, Павле Трајанов, потоа Ивица Конески, Диме Спасов и ред други ги промовирате конзервативните вредности.

Ги иселивте македонците од својата татковина, за потоа да им дадете право на глас. Сите заедно добивме судски спор со Грција, но која е придобивката од тоа? Зошто сеуште немаме датум за преговори во ЕУ и зошто не сме дел од НАТО?!
Сето тоа кое го кажуваш господине Ѓорчев, го направи еден човек кој владее автократски во вашата партија, а не вие сите заедно, и не од иделошки причини туку од стравот на падот на сопствениот рејтинг. И она што е најтрагино, она што ве спојува сите вас со тој човек се интересите, а не идеолочките гледања.

Истиот тој човек, кој владее автократски, е најголемата причина што ние како ваков субјект постоиме денес. Истиот тој човек во 2004 година, со помош на неговите гласови му помогна на Бранко Црвенковски да стане претседател на државата, која што постапка доведе до наше преименување.

Изградивте организација со третиот ешалон на СДСМ. Во 2006 година наместо нас, во мнозинството  го зедовте Тито Петковски. И на сето тоа, токму ние ви дадовме поддршка од 6 пратеници во собранието се со цел ДУИ да не биде во власта. Откако ги направивте сите овие коалиции, вие ги срушивте сите табуа околу непринципиелните коалиции во Република Македонија.
Некои ги нарекувавте терористи, убијци и пред народот ветувавте дека никогаш нема да коалицирате со нив, за потоа без трошка срам да го официјализирате бракот.

Викате дека дејствувате за македонско национално единство, а во практиката всушност никогаш немало поголеми поделби меѓу македонците од кога сте вие на власт.

Верувај дека многу брзо ќе дојде времето кога сите овие луѓе, на купче, кои погоре ги споменав, заедно со вас ќе ве снема од политичката сцена на Република Македонија. Сите вие, на купче, како глувци ќе се разбегате од таа партија при првиот пад. Историјата покажала многу примери кога политички партии со многу висок рејтинг после краток период се распаднале.
Кога веќе ја наметнавте идејата дека ако не сме со вас, сме против вас, се чувствуваме дожни да кажеме дека сме против вас.
Дали токму тие луге кои денес ти ги посочуваш господине Ѓорчев, пред нешто повеќе од десет години ти помогнаа да го решиш стамбеното прашање?! Ти им враќаш на ваков начин, а истовремено говориш за некој морал и демохристијански вредности?! Тоа е иронијата на денешницата. И не си само ти таков пример. Ве има доста. На купче сте. Еден човек на многу луѓе им помагаше, а тие денес се најголемите плукачи на него. Ама тоа не е негативна особина за него туку за вас.

За крај, се надевам дека твоите фрустрации што си тргнат настрана од ВМРО – ДПМНЕ и можеби сега си претседател на некој месен комитет, нема да ги лечиш со пишување невистини во јавноста. Се надевам дека во иднина нема ти да ја имаш партиската задача да се бориш со нас. Се надевам дека и Ивица Конески и Диме Спасов и ред други јавно ќе го искажат ставот околу конзервативната идеологија ако воопшто го имаат. Кога вмровската идеологија повторно ќе се врати во ДПМНЕ, кога повторно вмровските кадри ќе дојдат на чело на партијата, тогаш можеби повторно ќе сме заедно. До тогаш, чест и задоволство ни е да се бориме со вас.

Со почит,
Филип Јовановски,
член на ИК на УМС на ВМРО – Народна партија

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни  се ставови на авторите и
редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.