За жал, пред почетокот на секоја сезона добиваме само празни ветувања дека конечно, оваа година, Охрид ќе се среди и ќе се стави крај на хаосот, а од сезона во сезона Охрид е се погрд и погрд. Размислувам и не можам да издвојам оваа сезона што е она што чини во Охрид, додека ако размислувам за недостатоците, листата ќе биде голема.
Да почнам од првиот проблем со кој се соочуваат сите туристи при своето пристигнување, но и охриѓани, а тоа се паркинзите во градот. Концесиите за паркинзите се доделени на крајно сомнителен начин, а пак, тие, концесионерите, не можам да видам дека прават нешто врска со обезбедување на паркинзите, осветлување на истите, означување на местата на кои е дозволено паркирањето и сл. Напротив, само се поставуваат рампи и се врши наплата на огромни средства без да се инвестира ниту денар. Наплатата на паркинзите се врши на саат и тоа е во ред, но проблем се јавува со начинот на кај е регулирано плаќањето на оние луѓе кои тука живеат и мораат да го користат токму тој паркинг со наплата. Сметам дека тие граѓани би требало за паркинг да плаќаат само некоја симболична сума (во Скопје на пример се наплаќа по 200 денари месечно за станарите во центар во зонско паркирање). Овие станари сега се буквално рекетирани и дискриминирани, само заради тоа што живеат во центар! Да појасниме дека проблем не би постоел доколку во моментот кога се одлучиле да живеат тука и да купат стан знаеле дека ќе треба да плаќаат за да си одат дома.! Но напротив, тогаш, не постоела наплата на паркинг, туку паркингот си беше бесплатен, како и во другите делови на градот. Сега, се врши злоупотреба и се прикажува сила од страна на советот на општина Охрид кога се даваат цели улици (од јавен карактер, а не приватен простор) да служат како паркинг за наплата и тоа за сите. Дискриминацијата не би постоела кога за паркинг пред своите згради и куќи би требело да плаќаат и оние што живеат Далјан, Расадник, Видобишта и сл.
Друг проблем е токму неподносливата бучава која се ствара од кафулињата и рестораните, но сметам дека за тоа доволно говореа моите сограѓани.
На што личат чаршијата и кејот? Насекаде маси и столови (нон стоп има еден ред повеќе маси од обележаната жолта линија), фрчат летечки објекти во разни бои, од чадот од скарата не може јасно да се види кој колку поени добил на бокс машината. По кејот се добива едно еуфорично чувство дека живееме во некое минато време, време на дворци по кои скокаат малите принцеви и принцези, време на витези кои се натпреваруваат во стрелање да докажат кој е поголем Робин Худ. А да не заборавам да напоменам дека градсите татковци годинава беа толку иновативни што кај хотел Палас и пред киното (а и на други локации) поставија и јавни тоалети. Сега Охрид доби и ВЦ со поглед на езеро, а на туристите и локалното население им се овозможи да уживаат во идиличната атмосфера јадејќи лесковачка скара да дишат и амонијак и други одвратни миризби. Ако не сте по витезите, можете да одите до чинарон и фонтаната да ги видите Индијанците, ако по пат не Ве изедат змиите кај Оне.
Години наназад мака мачиме со чекачите кај поштана и Охридска банка. Но веќе отрпнавме, што ќе правиме без Тони, Лазо, Јован, Ерол и компанија, а уште повеќе што ќе прават туристичките агенции со толку пари ако не се гореспоменативе. Барем тие знаат како да ги потрошат без да ги оданочат. Очигледно чекачите ги полнат со туристи и инспекторите, полицијата и претставниците на локалната самоуправа (за кои и паркинг не се наплаќа).
Плажите се приказна за себе. Места за дефилирање со нови штикли, златни ланци и бучни мотори и скапи скутери. Место за одржување на големи концерти со почеток во 24 часот. А за капење?
А замислете кога ќе речат дека Охрид бил скап. Не е Охрид скап, скапи и прескапи се грешките кои охриѓани ги прават.
Владо
* Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите. Текстот не е лекториран и е објавен во оригинал.