Вчерашното објавување на имињата на добитниците на наградата и повелбата „Св. Климент“ претставува уште еден студен туш за јавноста и уште еден јавен показател за тоа какво е нашето културно и морално рамниште.
    
По овој повод повторно можеме да размислуваме за оправданоста на постоењето на наградите како признанија за остварените и поттик за идните дела, за  тоа дали тие се востановени со правилници, дали се почитуваат барањата предвидени во нив.

Многу е важно кој членува во комисиите за доделување на наградите, односно дали членовите имаат изграден вредносен систем или работат од око, според нечиј интерес.
    
Во овој случај неоспорни се само две имиња: Фестивалот „Охридско лето“ и Никола Манески, додека за Велија Рамковски (награда), за Здружението на граѓани „Богојавление“ (награда) и за Христина Аслимоска (повелба) не би можеле да се дадат убедливи образложенија.
    
Ако постои почитување на правилникот на наградата и ако членовите се дораснати на задачата, нема да има потреба од образложенија од типот на оние на претседателот на Комисијата Виолета Мицкоска за „бесплатната реклама“, „мостот“, „масовноста“, „тоа беше наше мислење“ или „секој има право на свое мислење“… Цела низа од бесмислици! Тоа значи дека оваа награда и во иднина ќе се доделува на луѓе заслужни за „бесплатна реклама“, а луѓето што навистина ја заслужуваат, од скромност, не молат за признанија.
    
Нема потреба да го образложувам своето негативно мислење за Велија Рамкоски и Христина Аслимоска. Треба да се внимава на угледот на името на Свети Климент Охридски и тоа во никој случај не смее да се користи за покривање на личните или патриските интереси.

Тоде Илиевски

*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.