Во одредени локални и национални медиуми на 31 мај беше објавен текст од страна на ЈУ Национален парк „Галичица “ во кој се демантира наводните невистини кои МЗ од село Трпејца ги изнесувала против нив и нивниот директор Зоран Ангеловски во врска со дивоградбите на ИВИРЕ .
Со целосна почит, до институцијата, медиумите и јавноста уште еднаш како месна заедница која го штити интересот на жителите на село Трпејца потсетуваме:
Од Националниот парк Галичица не бараме да ги срушат дивоградбите , туку ги посочуваме дека недоволно се грижеле и грижат за имотот којшто државата им го доверила на чување и управување.
Како е можно неколку години наназад да дозволуваат да се гради на државен имот плус во границите на Националниот парк на нецели три метри од заштитената зона до Езерото.
Почитувани, јавноста треба да знае,Вие знаете, ама како да не ви одговара Законот за прогласување на дел од планината Галичица за Национален парк во важност е од 29 декември 2010 во кој стои:
Член 1
Дел од планината Галичица се прогласува за Национален парк, заради заштитата на неговата биолошка и пределска разновидност , кои се од исклучително значење за заштита на природата.
Член 4
Границите на Националниот парк Галичица започнува од граничниот премин кај Св. Наум , од каде се протега кон север по должината на брегот на Охридското Езеро , се до селото Долно Коњско….
Значи просторот во Трпејца на кој се изградија дивоградбите на ИВИРЕ е токму во Националниот парк. Токму во истата таа зона во која пред неколку години со динамит беа срушени стотина дивоградби.
Во членот 7 од истиот закон во еден пасус стои:
„Непосредната заштита на НП Галичица ја спроведува чуварската служба, основана од истата јавна установа. Чуварската служба особено ги врши работите на набљудување и следење на состојбите со природните вредности на подрачјето на националниот парк и врши надзор врз спроведување на дозволените активности…
Како МЗ прашуваме каде скоро пет години беше Вашата чуварска служба и Вие како институција да го заштите имот на државата ? .
Пред Ваши очи изникнаа две диви градби. Во Националниот парк токму на просторот за кој зборуваме во зоната на строга заштита, според член 7 кој за Вас треба да е рамен на Устав – вие велите дека сега тој простор е зона на одржливо користење и во таа зона според член 12 треба особено да водите грижа со извршувањето на активностите да не се наруши природната рамнотежа во Националниот парк.
А што се случи таму. Наводниот газада на над 1000 метри квадратни од кои под знак на прашање е легалноста и на 120 метри квадратни – процес и купопродажба за којшто ќе се позанимава и Антикорупциската комисија во целост го наруши природниот изглед .
Вас почитувани од Националниот парк и Вашиот директор Ангеловски Ве прашуваме како дозволивте пред Ваши очи бисерните бели камчиња на трпејчката плажа токму ИВИРЕ да ги покрие со безличен бетон? Како дозволивте столетните борови и редок кедар безмилосно да бидат пресечени и да исчезнат од тој простор, а сега наместо природна сенка да се поставуваат чадори за сонце и лежалки. Како и зошто дозволивте да се крши камен и дури и СВЕТ камен и да се руши вековна православна традиција и уште за тоа – тој што го уништуваше да зборува дека токму ние трпејчани сме граделе и рушеле. Зошто дозволивте да се обезличува просторот кој од СТРОГО ЗАШТИТЕНА ЗОНА сомнително премина во ЗОНА ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ . Но сведоци сме дека и во тие зони не смеат да се градат цврсти градби,а токму дозволивте ИВИРЕ да изгради хотел од кој нејасно е каде ќе истекуваат фекалиите ако не во Езерото.
Сега кажете кој е виновен за деградацијата на просторот НИЕ или вие како институција која не знаеме од кои причини, како што се браните сте ги алармирале само надлежните служби, а не сте инсистирале да се спречи уништувањето и да се заштити просторот и имотот на Државата. Државата треба да размисли и да побара одговорност, кому му дала на доверба да и го чува имотот кога вака поединци можат да си узурпираат нејзин имот и без трунка совест уште да бараат легализација.
Јавно прашуваме зошто во 2008 не сте постапиле по укажувањето на Јавниот правобранител кој ви наложил да го спречите уништувањето и деградацијата на државниот имот и да преземете мерки за тоа.
Сигурни сме дека добро го знете и член 4 од законот за третман на бесправно изградените градби кој од легализација ги иззема градбите кои се наоѓаат во подрачје на национален парк.
Жалиме што ја пропуштивте шансата да се покажете како ДОБРИ ДОМАЌИНИ на државниот имот. Вие самите ја испуштивте шансата да бидете на страна на вистината. Ниту еден закон , па ниту законот за заштита на природата не е на страна на узурпаторот на државното земјиште кого вие свесно или не како институција го штитите.
И Вам ви е јасно дека со пуштени дописи до институциите за спречување на градбите и деградацијата на дел од Националниот парк не сте го дале максимумот. Зошто си знаете сами ?!
Месна заедница село Трпејца
*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на
истите.