– Јавноста треба да знае дека ДООЕЛ „Ивире “ од село Лескоец единствено и легално е сопственик на недвижен имот по имотен лист 619 за Катастарска општина Трпејца и тоа само на катастарската парцела 1265/ 2 под зграда 90 метри квадратни и на истата парцела 30 метри квадратни двор во месноста викана Краста или вкупна површина од 120 метри квадратни . Сопствениците, преку времената мерка доставена до Основниот суд против неколку наши жители да прекинат со хортикултурното уредување на дел од парцелата, каде е поставен крстот и параклисот посветен на „Свети Јован Крстител “ признаваат дека освен тие 120 метри квадратни, другиот простор е сопственост на РМ за кое покренале постапка за легализација. Кој и како им дава сила и право да се прават газди на туѓ и тоа државен имот. Нивни никако не се парцелите 1265/1 двор од 430 метри квадратни и уште 37 метри квадратни на парцелата 1265 / 3 кои сега сакаат насила да ги запоседнат и да ги направат свој имот, се наведува во дописот до медиумите од месната заедница од село Трпејца.
„Просто и едноставно се прашуваме како некој којшто купил само 120 метри квадратни може да се повикува на владение на просторот, наводно даден од претходниот сопственик. И нивната дрскост оди дотаму што во изјавите во одредени медиуми можевме да слушнеме и прочитаме дека ја поседувале и плажата и ни помалку, ни повеќе на цели 99 години. Не е смешно, туку трагично. Наводно платиле, кому и како можеле да платат за имот кој е државен и не бил во сопственост ниту на поранешните сопственици.
Во интерес на јавноста и податокот кој е општо познат дека селото Трпејца уште во времето на колективите и потоа по формирањето на рибното стопнство „Охридска пастрмака “ му го дала на користење тој простор,на оваа организација, кој потоа во чудниве транзициски времиња некој успеа да го присвои и препродава. Што значи и со движење на имот тој повеќе логично припаѓа на селото и државата, отколку на тие кои сега сакаат да се прикажат како газди, а селаните да ги направат разбојници и уништувачи на она што тие безочно го уништија. На очиглед на сите инспеции и институции. Кои носеа решенија и заклучоци ,ама треба да ги прашате – ЗОШТО не ги спроведоа“, велат од МЗ Трпејца.
Сопстевниците на „ИВИРЕ“ користејќи ги своите сомнителни врски со службите во локалните и државните органи и институции на очиглед на селаните и целата јавност посегнаа по цело крајбрежие узурпирајќи го и земајќи го под свое наводно владение и право . Дури и надвор од сите логики и закони извршија проширување и изградба на постојниот објект и доградуваа нови градби надвор од сопствената парцела , на имот на Република Македонија.
Под превезот на Законот за легализација на градбата надвор од сите законски рокови засилено ги вршеја сите градежни работи кои се дивоградба. И не само тоа плажата со најубавиот песок, ја бетонираа, исекоа десеттици, стари борови и други садници, кршеаа камен стар векови. И сето тоа во заштитената зона, во Националниот парк. Со еден збор се однесуваат како шерифи и газди на имот што ни од далеку не е нивни и ако има правна држава не би требало никогаш да стане нивни.
ДООЕЛ „Ивере “ наместо да ја стопира нелегалната градба и узурпација и да постапи по решението на Општинскиот инспекторат од 14.07 . 2011 кој на лице место оценил дека се работи за дивоградба и се гради без одобрение за градба и да го врати просторот во првобитната состојба се оглушува и сеуште гради.
Месната заедница има целосна документација за нашите писмени дописи и реакции до сите инстутции во Општина Охрид, Националниот парк „Галичица “, Јавниот правобранител на РМ и други институции и органи, но е зачудена од бавната реакција и неспречувањето на нелегалните дејствија на сопствениците на „Ивире, се наведува меѓу другото во дописот.
Месната заедница од село Трпејца, бара сите инволвирани и повикани служби и институции и локални и државни да застанат на нивна страна , како што тие велат, на страната на правото. Локалните и државните раководители да го анализираат работењето на нивните служби и да видат кој тоа во нечиј интерес си игра со жителите на село Трпејца кои се лојални граѓани и дури повеќе од тоа. Бараме да и наложат на ДООЕЛ „Ивере “да ги сруши бесправните градби, да го врати стариот лик на просторот, а имотот кој го узурпира и сака да го легализира да остане имот на РМ. Бараме „Ивире “ да се врати и си го огради просторот кој само законски го поседува – 120 метри квадратни. Бараме параклисот и крстот да останат, се наведува во дописот.
* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.