Инспирирана од писмото “Награда и повелба Св.Климент Охридски-дали и како?” од Тоде Илиевски

Почитуван господине Илиевски,

Вашето негативно мислење за доделувањето повелба Св. Климент Охридски на Христина Аслимоска е ваше право и придобивка на демократските процеси во споделувањето на различните мислења со јавноста. Но, од каде црпите толку боговска сила да кажете дека нема потреба да образложувате. Таква привилегија и моќ имаат само боговите.  Не верувам дека било кој, па ни вие,  има толку силен авторитет за јавноста да му верува без аргументи.

Дали знаете дека зад предлогот да ми се додели повелбата застанаа неколку институции: ОУ “Ванчо Николески”, Младински совет Охрид и  Колибри – Нова Македонија. Тие, за разлика од Вас, не се потпираат на авторитет, туку едноставно го аргументираат предлогот наведувајќи дека Христина Аслимоска има само 18 години, а зад себе има видни достигнувања:

•    пет објавени книги поезија и проза од угледни издавачки куќи;
•    други објавени литературни творби во десетина списанија;
•    повеќе награди и признанија меѓу кои: прво место на државен натпревар по македонски јазик и литература, прво место за литературна творба во чест на Св.Климент Охридски за песната “Тука,Охрид”, пофалена на меѓународен литературен конкурс за млади и многу други;
•    учество на културни, хуманитарни и други манифестации;
•    јавни настапи и говорништво во повеќе локални и национални телевизии, интервјуа  и сл.

Подносителите на предлогот  образложуваат дека ,,Христина Аслимоска со својата ретка дарба, волја и упорност, но и според сето она што го постигнала и манифестирала досега, слободно може да се нарече бисер меѓу младите таленти на македонската литература.  Бидеќи ваквите таленти се вистинска реткост во светот, па и кај нас,  тие треба да се негуваат и да се поттикнуваат”.

За ваша информираност добро е да знаете дека, моето творештво наоѓа широка поддршка, симпатии и приврзаници во пошироката читателска јавност, што може да се види од моите бројни гостувања во програмата на неколку национални и локални телевизии, како и од оценките во јавниот печат. Така на пример, Радио Слободна Европа известува:

“Со пет објавени книги поезија и проза, седумнаесет годишната Христина Аслимоска е редок талент и автор со своевиден рекорд меѓу младите Охриѓани. Од нејзините врсници, со кои учи и другарува, за кои најчеста преокупација е Интернетот, Христина ја одвојува тоа што таа многу време му посветува на пишувањето и Македонскиот јазик, со кој испеала стотици поетски стихови и испишала многу прозни записи. Во првите книги стихозбирката “Заорок” што ја објавила на деветгодишна возраст и збирките поезија “Бисерни зборови”, провејуваат типично детски и младешки теми, додека во поновите стихови во “Капка надеж”, поетско-прозната “Разделба со детството” и “Дневник на душата”, нејзините размисли за совршенството длабоко допираат до душата на секој човек, замислувајќи ги и возрасните”.

Вакви и слични позитивни критики за моето творештво напишале повеќе од десеттина истакнати македонски писатели и поети.

Освен тоа моите стихови се веќе дел од проекти за млади финансирани од Американската амбасада.  Исто така и други амбасади иницира интерес за поддршка и соработка во афирмирањето на моето творештво. Полна поддршка имам од моите професори на Филолошкиот факултет, од литературниот клуб на факултетот а најмногу од читателската публика.
   
Токму затоа јавноста заслужува да го образложите вашето негативно мислење,бидејќи негативноста е толку неодредена што се чини како да сакате да го негирате и моето творештво Од вас очекувам во најскоро време пред јавноста да го аргументирате вашето негативното мислење за моето признание. Разговорот е најубав начин да се надминат недоразбирањата.    Затоа, со полна почит кон Вашите години и    искуство, Ве повикувам на соочување со мене, во било кој ТВ медиум на јавноста да í објасните зошто имате негативно мислење за доделувањето на повелбата. Пред тоа топло ви препорачувам да ги прочитате двете најнови книги “Капка надеж” и “Дневник на душата” за да почувствувате зошто мојот збор допира до  душата на секој човек.

Со чувство на благодарност и почестеност од доделувањето на наградата, пред моите сограѓани дадов завет дека постојано ќе им подарувам зборови со духот на Св. Климент, со универзални етички и цивилизациски пораки за добрината, вербата, надежта, почитувањето вистината,  праведноста, честа, достоинството, љубовта и човекољубието. Времето е најголем судија. Моето време допрва доаѓа. Не треба да се изненадите ако доживеете мојот збор натоварен со богатството на светиклиментовите просветителски, етички и универзални пораки да биде дел од културните мисии на УНИЦЕФ, УНЕСКО и од други значајни културни иницијативи

Христина Аслимоска,
добитник на повелба Св. Климент Охридски, Патрон на градот

*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.