Имам морална обврска да потенцирам што е она што значи вистина за Египќаните, а притоа истата да е аргументирана, како одраз на една објективна стварност. Денес, слободно можеме да констатираме дека Египканите се најдискримираниот етникум, генерално, во Република Македонија. Денес, може слободно да се провери дали барем еден деклариран Египќанец, е вработен согласно содржината и духот на Охридскиот рамковен Договор. Едноставно, виза ви неоспорниот факт, дека имаме над 20 високообразовани кадри, кои дипломирале на државните Универзитети во Република Македонија, не се најде разбирање и простор за да му се посвети основно внимание на ова лојална етничка заедница во Република Македонија.

Слободно може да се констатира дека за нас, Охридскиот рамковен Договор во реалноста не функционира, за жал. Денес, мојот народ е позициониран како етникум на кој се сеѓаваат само за време на избори, кога врз оние вредни работници, вработени по Јавните Претпријатија, им се врши невиден притисок, еден таков психолошки притисок, кој просто е неиздржлив, под секое ниво, и кое го руши и она мало достоинство што го држи во ,,живот“ секое човечко битие.

Како што се наближуваат локалните избори, толку поголем е интензитетот на притисок врз мојот народ. Дојдовме до тоа дереџе, да се плашиме да се поздравуваме со пријателите, да не можеме да седниме во исти чајџилници, кафичи, затоа што не знаеме како ќе помине утре на работа, колку % ќе не казнат од плата и слично. Многу бедно, мизерно, долно, подолу од ова, мислам дека нема. Секако, нека не бидат „лажни оптимисти“ сите оние кои мислат дека ке поминат несанкционирани и од бога, но и од самиот народ, од самите Египкани. Исто така, се лажат сите оние кои мислат дека Египќаните седат со скрстени раце. Ќе ги искористиме сите правни механизми, а се со цел да ги заштитиме Египќаните од едни вакви нечовечки постапувања. Приморани сме да поднесеме соодветни кривични пријави, секаде онаму каде имаме правен основ за тоа, информирани се, а и дополнително ќе бидат информирани, сите релевантни фактори во државата како и претставниците на меѓународната заедница, кои будно ја следат состојбата со почитување на основните човекови права и слободи, содржани во Универзалната декларација за малцинските права како и почитување на Женевската конвенција, бидејќи Македонија е потписник на истата и има облигација да ги почитува одредбите содржани во истата.

Македонија, ја гледам како една независна, самостојна и мултиетничка, мултиконфесионална и демократски ориентирана држава. Уште, од почетокот на нејзиното осамостојување, Египќаните демонстрирале и демонстрираат крајна лојалност и конструктивност, а тоа се двата круцијални елементи, кои ни даваат за право да бараме соодветна интеграција во институциите на системот.

Дискурсот на прашања, кои се од „внатреенички конфликтен и несинхронизиран карактер“ е само признавање на вина на актерите кои не успеале да ги усогласат ставовите на етникумот во целина, но кога се работи за стратешките национални интереси на колективитетот, тука немало никакво разидување.

Токму затоа, Јавно им испраќам порака на сите дека е минато времето кога се играше на таа лицемерна и дволична карта. Ние научивме, дека со дволичност, со неискреност, со наведната глава, не се постигнуваат легитимните цели. И токму затоа се прашувам – зошто кога нешто сакаш да кажеш во една „демократска“ држава, без влакно на јазикот, отворено, без маска, таквиот обид се оценува како непримерен, несериозен, деструктивен, а ако сакаш да бидеш „кетман“, тогаш те третираат обратно од горенаведеното. Очигледно имаме испревртен систем на вредности, кој се надевам оваа влада ќе го исправи, во интерес на Демократијата и нејзините придобивки како и во интерес на државата, бидејки, ние Египќаните резервна татковина немаме, Македонија ни е се што имаме.

Со почит, Демир Далип
Предводник на ОПЕМ

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни  се ставови на авторите и
редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на
истите.