1 после полноќ, вторник…глува доба. Размислете, или подобро- слушнете. Централно градско подрачје, градско пазариште….3 третокласни локали ја продолжуваат забавата до бескрај. Нов начин на забава, едно дополнување на стремежот на елитниот Охрид кон нов вид на туризам…црвени светла, катакомби од кои ечи прегласна музика, приватен паркинг, прифатливи цени. И да звучи како добра реклама, и не само тоа…само ако ги посетите ќе се уверите во неефективноста на институциите. Не верувам дека има некој што не го посакува се ова.
Секој ден различно. Различна весела атмосфера од една страна, несоница и јавувања во полиција од друга. И замислете обично после најмалку 2 јавувања и неколку непроспани часа, се стихнува. Не е тоа од некоја интервенција на полицијата, туку едноставно исцрпен е репертоарот за оваа вечер. Секако наредниот ден исто.
Има дури и позанимлив дел од ова патешествие, не знам дали до сега ви се случило да побарате 192 и…никој да не ви одговори. И секако после 5 минути пак…секако пак никој не одговара. Сервисот за итни случаи финансиран од Вашите пари е привремено недостапен. Пробајте во друг град можеби од таму ќе пуштат патрола.
Не, не можам да разберам како едни локали работат до 2 часот, а други за кои сите знаат дека не исполнуваат минимално технички услови работат до 4 часот наутро.
И еве мое второ јавување во полиција (1:28 после полноќ).
Одговор: Г-дине локалот има ставено блинд-врата само за да не се слуша надвор.
Се чувствувам како идиот, како не претпоставив дека имаат ставено таква врата. Сега ми е полесно. Ако целиот локал е направен од кнауф и нема нити ѕидови нити термопан прозори, озвучување за фестивал, а јас инвестирав во нови прозори како за на аеродром, но важно е да тие имаат блинд-врата. Мислам дека треба да се јавам па да прашам во полиција дали локалот има ламинат или паркет. Не би сакал да слушам чекори во глуво доба. Секако ќе го навлечете на вас гневот на полицијата на Вас и не дај боже Вие станувате непристоен и морате да го контролирате тонот на обраќање. Секако нив не ги интересира ако ви сте работеле 12 часа и утре заминувате на пат, никако. Најважно е да сте фини. Од утре по еден кривичен прекршок и на спиење во самица. Барем ќе се одморите.
Мал заклучок… на крај единствен заклучок е дека нашата полиција нема никакви ингеренции. Секогаш им е загубен апаратот за мерење на јачина на звук но и кога е тука записникот за гласна музика не стигнува подалеку од 2 метри. Никако не може да ве затвори за пречекорување на работно време- не било нивна надлежност. Не може да изведе координирана опериција со трудова и финансова инспекција. Но можат да ве опоменат, па вие како добар граѓанин ќе се покорите. Ако има некој слободен деловен простор до полиција со задоволство би отворил клуб и сам би се јавувал да дојдат само за да ме опоменат.
Уште ечи музика, мислите ли дека е потребно 3-то јавување или уште една петиција…
авторот познат на редакцијата