Убаво е да се слуша мислењето на народот..убаво е кога секој има право да се изрази во онаа мера во која неговата способност дозволува. Но, знаеме дека секоја мера си има одредена граница, една црвена линија која доколку се премине, човекот веќе не се препознава себеси. Се менува, се претвора во странец, во туѓинец кој стапнал на друго тло. А кој е виновен за тоа? Неговото его кое, мислејќи дека оди до сопствениот врв на успехот, всушност се лизнува и гине во бездна. Во последно време има се поочајни луѓе кои не знаат како, па на еден најпрост и највулгарен начин се пројавуваат изнесувајќи одредено мислење. Секако дека напредокот на технологијата, особено интернетот со своите можности, се најголемите виновници за тоа. Тие овозможуваат дури и премногу.  Јасно е дека во една земја во која владее демократијата, и која се стреми кон помодерно и посовремено утре, не би можело да се замисли изоставувањето на гласот на народот. Но се прашувам зошто тој глас кој израснува од едно човечко битие е толку нечовечки вулгарен, прост и валкан? Зарем за секоја дури и најмала и најбанална работа, треба да го користиме речникот на вулгаризмите?

Редовно ги следам случувањата кои се објавуваат на електронските и пишаните медиуми. И речиси во секој медиум има простор за писма на реципиентите, забелешки, мислења на тема која можеби била или не дел од него. А тука се и колумните. Една сосема коректно скроена рубрика, во која во последно време најдов свое длабоко разочарување. Конкретно ќе зборувам за овој мој почитуван медиум – Охриднењс, затоа што нема ден кога барем на два-три пати не пролистувам низ рубриките, интересни особено за нашиот Охрид. Читајќи наидувам на текстови од кои навистина се згрозувам. Колумни и писма испратени до редакцијата од луѓе кои имаат свое мислење, но немаат начин на изразување. Многупати сум гневна и јас самата на безброј појави во нашево граѓанско општество, но никогаш не сум се обидела со пцовки и омаловажувања да зборувам јавно на медиум. Не за друго, туку затоа што се остава една лоша слика за авторот на текстот. И тука доаѓа до еден контраефект кај останатата читателска публика. Наместо да го поддржат неговиот збор, луѓето се згрозуваат од огромниот пласман на валкани зборови па макар и да се однесуваат на сосема деструктивна појава. Има многу подобар начин да се искаже одреден револт или некое несогласување.
    
Морам да ја споменам колумната Гнасата објавена на 12.02.2010, а  посветена на украдената скапоцена цреша, симболот на Тоше Проески. Се сложувам дека тој чин на кражба е сосема неоправдан и низок, и го осудувам, но барем ние другите,
почитувачите на Тоше како музичар, и човек пред се, да останеме достојни на нас самите. Барем ние да докажеме дека го почитуваме. А зборовите во оваа колумна не го кажуваат тоа. Зошто? Затоа што се премногу прости, а Тоше не зборуваше
така. Тоше знаеше со секого да биде човек. Неговата големина беше токму во тоа – љубовта и топлината кои ги споделуваше, позитивната енергија и добрината, ги остави меѓу нас за да ги чувствуваме и да го градиме сопственото достоинство.  Зборовите на поединецот се зборовите на неговата човечност. Ако некој не го поседува своето достоинство, тогаш ние не треба да се спуштиме толку ниско за да пробаме да го искорнеме ренот кој вирее во неговата душа.
      
Треба  внимателно да се избираат зборовите од македонскиот речник, затоа што е доволно богат за да се претставиме како луѓе во вистинската смисла на зборот.

Марина Шикова