Се надевав дека бев доволно јасен во моето писмо озаглавено како НАГРАДА И ПОВЕЛБА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ДАЛИ И КАКО?!, во кое укажав на пропустите што неодамна ги направи Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија. Тоа значи дека не се работи за лична пресметка со наградените, туку за размислување чија цел е зачувување на достоинството на наградата и повелбата „Св. Климент Охридски“, но сепак ме повикавте да дадам објаснување за „негативното мислење“.
Подвлеков дека многу се важни Правилникот, односно строгото почитување на одредбите во него, и зрелоста на членовите на Комисијата. Кажав дека за повелбата што ја добивте „не би можеле да се дадат убедливи образложенија“.
Ниту цитатот: „Нема потреба да го образложувам своето негативно мислење за…“ не дава логичен повод за заклучокот во насловот на Вашето писмо: МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ ГО „ЗАГРОЗУВАЛЕ“ УГЛЕДОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ.
На овој начин нелогично наметнувате теза за мене како за човек што работи против Вас и против сите млади, нешто што нема никаков допир со реалноста. Ги поддржувам младите во секој поглед, па затоа нема оправдување за Вашето спомнувањето на „боговска сила“ во моето однесување!
А сега, едно прашање: дали Вашата апликација била за награда или за повелба?
Ако беше за награда, таа се доделува за животно дело. Во овој случај природно е прашањето: дали петте објавени книги го сочинуваат Вашето животно дело?! Колкава е неговата уметничка тежина?!
Ако конкуриравте за повелба, прашањето би било: кое е Вашето врвно достигнување и кога е остварено тоа?!
Петте точки, во кои се наведени Вашите „видни достигнувања“ како и прочитот на „Капка надеж“ и „Дневник на душата“, не успеаја да ме поколебаат во оценката.
Познато е дека во уметноста (литературата) не треба да се брза, туку да се учи и напорно да се работи. Талентот мора да се потврди. Не треба да се трча по признанија, кога уште не се направени сериозни чекори во литературата.
Ви ставам добронамерна забелешка заради тоа што Вашите книги не ни се понудени да го заземат своето место во Збирката на роднокрајните писатели при НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Ве потсетувам дека во Библиотеката има книги што можат и Вам да Ви послужат, во неа се случуваат културни настани што би било корисно да ги посетувате или да бидете учесник во нив, и најпосле, Ве известуваме дека во рамките на Библиотеката работи Клубот на писателите – место каде што можат да се разменат мислења за творештвото.
Сега, кога признанието (повелбата) е во Ваши раце, останува да го оправдате со Вашите идни постигнувања. Лично, не се сомневам дека ќе успеете, но тоа би било друга приказна.
На крајот, неколку зборови, колку за Вас, толку за членовите на Комисијата. Во Охрид треба да има хиерархија меѓу научниците и творците. Лично, сметам дека меѓу добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“ треба да се најдат Видое Видичевски, Блаже Треневски, Коста Фортомар, Јордан Манасиевски, Леко Радиќ…
Меѓу добитниците на повелба треба да биде Дамјан Пејчиноски и Александар Димоски. Статутот за доделување на наградата и повелбата треба да биде достапен за секого, заедно со имињата на сите досегашни добитници.
Вашиот повик за соочување со Вас во кој било ТВ медиум го сметам за непотребен, односно дека во ова писмо кажав доволно за да бидам разбран. „Часот по анатомија“ (читај: анализата на творештвото на Христина Аслимоска) би сакал да се одложи за некое друго време кога пред нас ќе имаме дело.
Со почит и со најувави желби,
Тоде Илиевски
*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“
се ставови на авторите и редакцијата на ОхридНењс не сноси одоговорност
за содржината на истите.