Kапка по капка, во Охрид  се тркалаат сино жолти и црвено жолти солзи по бели образи. Едно лице плаче за скапа вода, друго за ветени, а не подобрени, катастрофални здравствени услови.
 
Вода и здравје – се најважните потреби во животот. Без чиста вода нема добро здравје, без здравје џабе ти е евтина Македонска вода, или скапа приватизирана.
 
Во Охридското Езеро има кристална брановидна вода. Без таа вредна подземна планинска вода на 349 квадратни километри ќе нема туристи и Охрид нема да постои на google.com.
 
Вода (H2О или aqua). Нашава планета 71% е покриена со вода, во човечкото тело има просечно 65% вода. Науката тврди дека еден граѓанин просечно троши 100 литри вода на ден: за туширање, за WC, за миење заби, за чај, за чистење дворови, за цвеќиња, а да не ги заборавиме автопеларните, мешањето малтер, вадење пиперки и праз, или за варење ракија.

Животните, природата, индустријата, земјоделството…се зависи од вода. Научниците исто така имаат истражено дека од прилика за едно стандардно кафенце се трошат 140 литри вода. 140 литри од садење на семето, па додека дојде во кафетерија поминува разни процеси со помош од вода, од кај сиромав земјоделец во некое јужноамериканско поле до прва обработка во фарма или магацин, втора преработка во моќна фабрика, прскање, сушење, контрола, пакување и транспорт. Секаде се троши вода, до моментот кога ќе стигне 60 денари вредно макијато на маса.

Водата вреди злато. На 22 март 2012 е Светскиот ден на водата. Според податоците од ОН, 1,1 милијарди луѓе во нашиов свет немаат вода, 2,4 милијарди жители немаат добра хигиена поради нечиста вода, а на ден во цел свет околу 6000 деца, возрасни и стари луѓе умираат поради недостаток од вода.

Во 1948 Светската здравствена организација (WHO) ја постави оваа дефиниција: Здравје е добра здрава физичка, ментална и социјална состојба, без болести или дефекти. Уште во дамнешни времиња, според митологијата, имало божица со име: Hygieia – здравје.

Во многу скапани диктаторски држави во Африка нема ни вода, ниту здравствени услови. Умираат луѓе од занемарување или од недостаток и пак некако се снајдуваат, преживуваат. Во Македонија имаме се, само неможеме да ги решиме нормално финансиски и административно работите. Навистина е грев и жално кога дојде време политиката да ги режира водата и здравството – најважните потреби во животот се исполитизираа.
 

Нина Лена, чувај се во студов пред општина!
И ти чичко Ристе немој да се предаваш пред болница!

Чао,
Влатко
Амстердам


*
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.