Една мала слика на OhridNews ме направи оваа недела на кратко емотивен. Добив веднаш широка насмевка од гордост и емоции од што сум збунат. Ми навреа солзи од радост, во главата ми завчадеа привремена тишина. Измешани чувства од фотографирани холандски турисит на магариња во с. Куратица.
 

Во таа околина во соседно (уште поубаво) село сум роден, Плаке. Преселен, емигриран со родителиве во 1973 година. За нов живот во Холандија. Што подалуке од тој примитивен, сиромашен, мачен селски живот без перспективи. Така беше тогаш во седумдесетите. А сега портокаловите доаѓаат тука во близина. Да видат како се живеет во типично старо македонско село и се сведоци од останатите историски траги. Влегов во вртелешка од емоци. Од една слика. Читам дека Куратица ги пречека холанѓаните со домашни специалитети и ракија. Гледам туристи на магариња. Седаат многучудно, непријатно. Типични мимики и начини како што само туристи можат да се движат, смешно. Татко ми е „експерт“ за магариња. Тој знае професионално како да се води магаре. На времето имаше две магариња. Едно чудно црно будало без име. Другото беше паметно и мирно. Зато се викаше Милка.
 

 
Уште од мало дете сум љубител на контрасти. Причината за ова се моите селски авантури кои ги имав како мало дете во осумдесетите години. Недостаток на финансии и луксузи не значи дека не си среќен. Поважно е како си го живееш животот со тоа што имаш. Имав плава холандска коса, портокалови искуства, црвено жолта македонска крв. Секој чекор беше секогаш микс од либералната, прогресивна, демократска „Низоземска“ и братството и единството од Титовата Социалистичка Федеративна Југославија. Секое лето доаѓавме на одмор во таа бивша. Се враќавме во реалноста. Бам. Голема силна конфронтација од различни животи. Од брз, економски развиен модерен холандски западен живот, неколку недели останувавме в село. Тие недели ме правеа среќен. Секогаш требаше брзо да менувам три различни светови. Холандија дома, Охрид дома, и в село на посета. Дома кај корените. Вечната дома. Таму каде што сум роден. Само префрлување на животни брзини со контрасти и јазици. Тоа се го чувам како топла меморија.
 

 
Во Плаке немаше санитарни чворови по куќите. Сред село имаат само планинска вода, од извори. Снајди се со кофа, шише, пластични кади. Во 1969 година прв пат се приклучи струја. Единствениот начин за да се стигне до сред село беше селски пат од чакал и песок. Тука поминуваа запрежни коли. Секој понеделник дедо и вујковците продаваа на пазар квалитетно тазе овчо сирење. Јас сведок, мала маскота, им правев друштво. Гледав како се расправаа со охридските клиенти. Со прометот купуваа храна и се што е потребно за в село. Се враќавме во 15.30 со последниот автобус и од кај Илинденскион спомениок после Опеница кај магистралниот пат за Ресен одевме уште скоро три сати пешки, 8 километри. Само угоринци. Се поздравувавме со селаните од Речица, Куратица, Свињишта, Завој. Ние со товарени коњи и магариња. Сите плаќани заедно. Бев привремено дел од нивниот живот. Од стариот тинејџерски живот од родителиве. Муабети, случки, зафрканции и селски логики, мудрости. По селските патчиња. Нешто слично каде што се шетаат моментално холанѓаниве на комерцијална база со магарина. За да можат да им пренесат на колегите во Холандија дека јавале македонски магарина. Во мојот роден крај. Во регионот каде што татко ми симболично на млади години го напушти магарето и се качи на коњ во Холандија. Тоа му беше целта. За семејството да израсти во подобар амбиент, со милион можности. Тој во 1975 година купи бел ДАФ Варијант 66, автоматик. Со тоа возило се врати Плаке, кај старите магарина. Проклетн необјаснива судбина. Каква контрадикција. Се гордеам и збунат сум од една слика.
 

Моментално Плаке мирува во тишина. До стари пропаднати куќи, се градат нови викендицки. Се мириса на чиста природа. Селскиот пат од Речица до Плаке е веѓе пола асфалтиран. Нема туристи. Тие одат долу, во Куратица. Во Плаке уживаме во нашата фантастична планинска убавина и многу ги почитуваме борците. Тие партизани што се бореа против фашистите во втората светска војна кај Сремска Митровица. Се гордееме со Митре Климоски, Ило Велјаноски, Ефтим Наумоски, Крсте Пицароски, Иљо Ѓорѓиески и сите други херои.

Поздрав од Амстердам
Влатко

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку
се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси
одоговорност за содржината на истите.