Минатиот понеделник бев на службено патување во Тирана и бев позитивно изненаден од хигиената, а посебно од брзиот економски развој по кој се движи оваа наша соседна земја. Викендот заминав за Швајцарија која има постигнато најголем развој во делот на третман и селекција на цврстиот отпад, а економијата и во услови на светска криза функционира како “Швајцарски сат”.

Се вратив во Македонија и доживеав еколошки шок!.

Да бидам искрен, повеќе заради директната поврзаност на развојот на економијата и ѓубрето кое го има насекаде околу нас.

Ѓубре постои откако постои човекот, но главниот проблем е што кај нас менталното (духовното) ѓубре доминира над физичкото, а преполнетите контејнери непријатно мирисаат, континуирано не трујат и претставуваат директна опасност за ментални, духовни, органски заболувања и секако развој на економијата.

Најшокантно е квази-медиумското жолто ѓубре (однапред им се извинувам на професионалните медиуми и новинари) кое како секојдневна гнасотија го засмрдува градот со лаги и клевети, дискредитирајки личности и поттикнувајки омраза и линч. 

Најгнасен контаминатор претставува ѓубрето кое излегува од кујните на “конселиерите за политичка стабилност“, се спрема кога е потребно да се сврти вниманието од контаминираната средина а се служи во “порции од софистициран рекет“.

Господата “конселиеровци“, како да не знаат дека ѓубрето е жива материја и дека со мала анализа на содржината, амбалажата, мирисот, многу лесно го издава нивниот профил и зборува за нивниот интелектуален, ментален и духовен склоп.

Во оваа загадена средина, паментните луѓе сеуште сметаат дека молчењето е мудрост и дека природно ќе се излекуваат раните од еколошките неправди и злосторсторства.

Верувајте дека нема враќање назад и дека е краен момент со заеднички сили да го проанализираме менталниот и интелектуалниот проофил на исфрлувачите на ѓубрето и откако добро ќе го проучиме да предложиме мерки – постројки за мелење, сечкање и рециклажа на тоа ѓубре со што повторно ќе го овозможиме природниот циклус на кружење на материјата, ќе обезбедиме здрава животна средина и услови за економски развој.

Почитувани граѓани, не заборавете:  ЧИСТОТАТА Е ПОЛОВИНА ЗДРАВЈЕ!

Гоце Симоноски

*Ставовите објавени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за изнесеното во истите.