Кога поминувата низ охридската чаршија и ако сретнете човек тивок, скромен, ненаметлив и само некои го поздравуваат со докторе, тогаш знајте дека тој човек прв ве држeл в рака, прв ве донел на овој свет, прв го слушнал вашиот глас, денови и ноќи бил покрај вашите мајки во најтешките и најсреќните моменти. Тоа сигурно е Др. Ѓоко Танески, гинеколог и акушер од охридската Општа Болница.
Човек пример во секој поглед, обично облечен, скромен, чесен, само доста замислен, одличен оператор- еден од најдобрите, секој збор одмерен и тивок, ненаметлив, повеќе има поминато во операциона сала, отколку по чаршија, гинеколог за пример.
Зад него стојат илјадници операции, илјадници пораѓаи, илјадници случаи, стресови, ноќи и ноќи во операционите сали, а тој остана обичен човек, обичен гинеколог и акушер, без никакви титули, придавки, епитети, остана обичен човек, скромен и чесен, екстремно стручен и колегијален.
Заедно со Др. Љатко и Др. Чифлигароски, Др. Танески е еден од последните репрезенти на хирушкиот блок при Општата Болница-Охрид со кои беше чест и задоволство и да работиш и да оперираш и да асистираш, многу да научиш за медицината, да знаеш дека имаш на кого да се потпреш кога е најтешко, па дури и да дебатираш на повисок тон и да се расправаш, а се во интерес на пациентите.
Тешко дека генерациите што останавме и што доаѓаат ќе имаме и десет посто стручни човечки медицински и колегијални квалитети како нашите претходници, кои беа пример за човечност и стручност со кои е чест и задоволство и да работиш и да се дружиш и да оперираш.Тие генерации знаеја медицина, медицината им беше на прво место, беа вљубеници во професијата.
Во име на стручниот колегиум РЕ Урологија, а посебно во лично име му посакувам на Др.Танески долги години пензионерски живот, здравје и среќа, му благодарам што ме учеше да шијам, му благодарам што ме викаше да асистирам ми беше чест и задоволство да учам од него и му посакувам се најубаво во животот.
РЕ Урологија
Др.Горан Балевски