Пред педесетина години паметам еден необичен човек по име Најдо. Се занимаваше со најгруби работи. Специјално: со чистење канализација. Во сушните години Најдо се накитуваше со венци сплетени од растенија, земаше котле со вода, тргнуваше низ сокаците и го изведуваше додолскиот ритуал.
Ќе запееше: „Да заросит ситна роса, ој луле, ој! Да нарастит бериќетот, ој луле, ој!“ – и притоа прскаше и се посипуваше со вода. Така молеше и успеваше Најдо. Ако не веднаш, по некој ден или седмица, ќе заврнеше. И остана во Охрид, кога некој убаво ќе накисне, да велиме: „Се стори ојлуле“.
Денес, после долго време, веќе втор ден врне. Не сум сигурен дека за тоа се заслужни многубројните апели и иницијативи за спас на езерото, та дури ни декларацијата на градскиот Совет. Можеби … Штом успеваше Најдо ….Во секој случај, дождот, заедно со заладувањето, добро ќе му дојде на езерото кое, за волја на вистината ги живее своите поодминати години.
Јас лично повеќе им верувам на хидро-метеоролозите. Некако ми е блиску до умот дека дотеците во летово беа помали дури и од самото испарување од површината, та и сосем да го запреа Дримот и да го уништеа неговиот жив свет, нивото во такви услови ќе продолжеше пополека да паѓа. Каква струја, какви вештерки!
Дека не се разликуваме којзнае колку од средновековните ловци на вештерки често помислувам гледајќи ги реакциите на недоинформираните жртви на предрасуди.
Антените зрачеле со некои таинствени зраци и лом правеле по здравјето на околните жители. Барав во Републичкиот завод за здравствена заштита-нема такво сознание. Прашував професори по хигиена на Медицинскиот факултет-нема такво сознание. Барав препораки за заштита од такви фамозни зраци од Светската здравствена организација на ОН-не најдов ништо. Кои се тие зраци? Уште не сум ги прашал оние 7-8.000 научници од швајцарскиот тунел дали имаат некое такво сознание. А бабите знаат и на цел глас бараат заштита од овие модерни вештерки.
Водоводните азбест-цементни цевки биле страшно канцерогени. Тука работите се јасни: рак на белите дробови предизвикува вдишувањето на ситната прашина од овој материјал, во вид на иглички. Цевките не се опасни. Можеби не се најхигиенски од други причини, не знам. Тревогите што се креваат за нивна итна замена сепак имаат во основа страв од вештерки.
Во својата мака, болни од тешки и неизлечиви болести, несреќни по разни основи, деновиве со саати чекаат кај специјално „надарениот“ биоенергетичар во центарот на градот.
Да не зборуваме за претскажувачките на судбина со тарот карти и без нив, „стручњаците“ за магии, кои за наша срамота со години се вртат по телевизиите, вклучувајќи ги тука и закитените со титули продавачи на магла во вид на еликсири со антиоксиданси, минерали и други „шкљ“ марифети.
Страв, вештерки, магии … Колку сакаш!
Државата е на потег. Покрај настојувањата за подигање на општото образовно ниво на населението, би требало да му посветиме специјално внимание на овој негативен тренд.
Од друга страна, сериозните медиуми, покрај другото, ќе се легитимираат како такви и со грижливо и проверено информирање за овие чувствителни прашања.
Важно:
Ставовите изнесени во рубриката Ваши ПИСМА, не се ставови на редакцијата на ohridnews.com и таа не сноси одговорност за изнесеното во текстовите. Редакцијата во текстовите на читателите врши само корекции кои не ја менуваат содржината.
Од редакцијата.