Супер! Топло време, полн град туристи, празнично расположение, музика ечи од сите страни, мириса на скара, вистинска празнична идила!…Сопствениците на туристичките објекти тријат раце, народ многу, како што доликува за еден туристички град. Ако мислеја грците дека без нив нема да огрее сонцето, погрешно мислеле. Оваа напатена земја има пријатели!!! Но политиката на страна, не ми е целта да пишувам за политичката ситуација, туку за овој празников првомајски, ден на трудот, празник на трудот! Со оглед на тоа дека во земјава има многу дури и премногу невработени луѓе како за мала држава, се мислам малку да не е апсурдно да се празнува овој ден. Ден на трудот! Ден на работниците!
Ех,…а работниците се категорија на луѓе кои во денешно време повеќето од нив се заборавени од институциите кои треба да ги штитат нивните интереси и права, права кои се заборавени, права кои се помалку се почитуваат, значи работниците се категорија на луѓе кои се оставени на милост и немилост од повеќе аспекти, како поради ниските плати, социјалната и здравствената заштита, прекувремено работно време, односно работно време кое газдите го диктираат по сопствена желба и услови на работа кои во денешно современо општество се косат со сите правни и морални норми.

Некој ќе рече тоа е така затоа што има поголема понуда отколку побарувачка на работна рака, па затоа и се случува тоа со работниците, лесно може да ги замени некој друг. Но тоа не е точно, без разлика каква е понудата и побарувачката на работници ако постојат здрави и силни институции кои се надлежни во оваа сфера и кои ќе воведат ред и ќе ги заштитат правата на работниците никој не ќе може да манипулира со нив и да го злоупотребува нивниот труд. Закони постојат но не се почитуваат.

Најчест пример кој е голема реалност и факт дека правата на работниците не се испочитувани е еден работен ден на угостителските работници во Охрид, келнери, собарки, шанкери, кувари и сл. на кои им се знае само кога им започнува работното време, а не и кога завршува. (Со почит спрема ретките исклучоци).

А овие луѓе се еден многу значаен фактор без кои не може да се замисли туризам.

Повеќето од нив без здравствено осигурување или осигурување на пола работно време, а овие работници посебно во летниот период работаат и прекувремено и тоа не ден два туку најчесто секој ден и тоа најчесто работниците во ресторани и хотели (повторно ќе речам со ретки исклучоци и ретко совесни газди).

Работниците во хотели и ресторани посебно келнерите, кои треба секој ден да се облечени во чиста испеглана гардероба (која не многу ретко сами си ја купуваат), работат прекувремено, цел ден се на нозе. За разлика од нивните колеги од кафетериите кои служат само пијачка, тие служат и храна и како може нивниот труд и тежина на нивната работа да биде еднаква во поглед на плата или дневница. Како може на едните да им се знае работно време, а на другите не. Не треба ли за сите законот да биде ист?!

Во развиените земји угостителските професии се високо ценети за разлика од кај нас, кога правата и условите на работа, на туристичките работници кај нас се на маргините.
А тие пак кога и да седнеш на кафе или на ручек ќе те пречекаат со искрена насмевка и ќе те испратат со почит, без разлика што се изморени од работа.

Постојано во медиумите слушаме вести за привлекување странски туристи, за проширување на туристичките капацитети, ама нигде, не се пишува за условите на работа, за правата, проблемите со кои се соочуваат угостителските работници, а Охрид како најголем туристички град не само во Македонија туку и пошироко, живее од туризмот, живее од навистина вредни и способни келнери, шанкери, кувари и сл.

Во Охрид нашиот најубав град, нашиот туристички бисер, има многу угостителски работници, и вредни и трудољубиви, луѓе кои си ја знаат и си ја сакаат својата работа. Охрид како туристички град кој допрва се стреми кон поголемо развивање и зголемување на туристичките капацитети, не може без овие луѓе.  Овие луѓе заслужуваат повеќе почит!!!

К.С.

(авторот познат на редакцијата)