“Жешки цени-ладни насмевки”, вака засега наликува претстојната туристичка сезона во Охрид. И додека охриѓани “коски тресат” како ќе поминат  ова лето, а надлежните институции за развој на туризмот “си спијат на уше”, туристичките чинители од соседните земји, излегоа  со организиран и заеднички настап.


Имено ако малку “посурфате” по туристичките агенции во Србија, за да ги видите цените за летните аранжмани во Охрид, нема да има потреба многу да пребарувате, затоа што во речиси половина српски агенции, Охрид не постои во понудата за ова лето. А, во оние дваесетина агенции што го нудат Охрид, секаде ќе ја сретнете истата табела со цени за седум дневни аранжмани по охридската ривиера. Место за нелојална конкуренција и отстапки нема, затоа што српските агенции соработуваат и настапуваат заеднички со исти цени.

Е сега, како ќе ги погледнете цените во табелата ќе Ви стане јасно , зошто Охрид полека исчезнува од туристичката понуда на Србија. За да помине 7 ноќи во Охрид еден просечен граѓанин на Србија треба да издвои од 115 до 180 евра во екот на сезоната, а во јуни и септември ќе заштеди само 5 евра. Но ако Србите се одлучат, одморот да го поминат во Грција, на Закинтос, тоа во шпицот на сезоната ќе ги чини околу 220 евра по лице, за 10 ноќевања.  За истото туристичко место за крајот на август и септември, може да се најдат аранжман и за 100 евра.

Слични се цените и во Ханиоти и Полихроно, каде што за 10 дена може да се најде двокреветна соба за 300-360 евра. А вонсезонските аранжмани, српските агенции ги продаваат и од 75 до 95 евра по особа. За да уживаат 10 дена на Олимпик Бич, србите ќе треба да одвојат околу 410 евра за студио за двајца, а ако студиото го делат тројца, ќе поминат со 445 евра, значи 148 евра по лице.


Со слична привлечност се и туристичките аранжмани за Будва. Доколку сакаат полупансионска услуга и девет дена незаборавен одмор во Црна Гора, Србите од својот домашен буџет ќе треба да одвојат 245 евра, а вонсезона цената е намалена на 195 евра.

И на крај се поставува  прашањето: Дали Охрид навистина  е посолен и од морето или српските агенции претенциозно ги надувуваат цените за Охрид и дискретно го бришат од нивната туристичка мапа?

Вера Блажеска