Прв пат за поимот интернет попрецизно почнав да учам на почетокот од моите средношколски денови. Тогаш, како ученичка се здобив со една слика и дефиниција кои ми помогнаа овој поим да го спознавам и перцепирам со достојна почит и внимание. Значи, не е мала работа постоењето на една светска мрежа која во кое било време ви дава информации за се што можеби ве интересира. И се ќе беше подобро ако се останеше на тоа – ако моќта на оваа мрежа не го заземеше замавот со кој денес тивко но сигурно ја убива човековата психа.

Денес, интернетот дава многу можности, и ако тоа од една страна е одлично, од друга (како што и мноогу пати се покажало, за жал), оди до фатални последици. Последици од преминувањето на границите. Или, можеби  игри без граници.Сите ние како публика сме сосема свесни за се што ни се сервира, а тоа е една тема на која долго би зборувале, но она што во моментов особено ме засега се нашите, македонски портали, сајтови и нивната трка и потреба од популарност и материјални добра. Ме засега уривањето на сите норми на стандардното однесување и пласирањето на информации и прости муабети каде веќе и нема некаква разлика во тоа што е информација, вест, а што уличен муабет. Моето медиумско искуство, моето образование и моите стремежи и желби уште од најрана младост насочени кон медиумите, ме тераат да заплачам кога читам што се  се објавува од страна на споменатите медиуми. Разговори од дома на троседот, пред телевизор, од пазар, од обложувалница, од дворот на соседите – сето тоа го читам на портали каде очекувам да прочитам концизна информација на одредена тема. Истите тие одат до таму што самоволно и без нечија дозвола навлегуваат во приватни животи, осудуваат, исмејуваат, се осветуваат, при тоа заборавајќи на човековите права и последиците кои може да ги сносат доколку истите ги нарушат.

Жалам за некогашните медиумски закони кога постоеше огромен ред и дисциплина во пласирањето на разно-разни содржини – и од забавен и од сериозен карактер. Се прашувам, каде пропадна сето тоа?  Има ли сега воопшто одреден филтер за сите самонаречени медиуми и самопроглесни новинари кои освен што не се  стекнале со соодветно образование, оскудно го познаваат и стандардниот јазик? Но, во ред, нека има јазични лапсуси, тоа лесно може да се исправи… но, кој ќе ги пренасочи овие луѓе кон нешто подобро и покорисно како за нив самите така и за околината? Секоја чест на исклучоците, но иако не сум некој одлучувачки фактор, еве како загрижен читател апелирам да се воведат одредени мерки за да воведе ред и дисциплина. За да можеме ние, читателите кога ќе отвориме извесен портал, да знаеме дека ќе прочитаме нешто корисно, зрело, информација на која ќе можеме да и веруваме, а не да се изненадиме кога  ќе го прочитаме она што до пред малку го разговараа нашата соседка и продавачката од маалската продавничка. Нека бидат малку самокритични и сопствениците на тие медиуми, нека погледнат во книгата за доброто однесување и правописот, па така ќе имаат многу поголеми можности за успех, наместо да го игнорираат овој проблем кој со еден збор би се нарекол незнаење.

Марина Шикова- Димоска

 

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.