Дел од богатството на еден народ и држава се и природните убавини и реткости, кои Македонија ги поседува во изобилство. Сепак, едно од најубавите места во земјата и пошироко несомнено претставуваат падините на Галичица, селата Љубаништа, Трпејца и нивната околина, како и манастирот Св. Наум. Како резултат на посебноста на оваа месност, во 1958 година е прогласен националниот парк Галичица, кој опфаќа делови од планинскиот масив, како и крајбрежјето под планината. Под планината се наоѓаат и изворите кај манастирот Св. Наум, место со прекрасна и бујна вегетација и богат жив свет во водата. Најубавите плажи на езерото се наоѓаат токму на овој потег, во тие рамки и плажите кои сега се дел од автокампот Љубаништа. Токму во овој дел водата е чиста и проѕирна, плажите се песочни и потсетуваат на најубавите морски плажи. Месноста Заум е исто така фантастично место и секој кој го посетил се уверил во посебноста на црквата под стрмните карпи и белите камчиња од кои е составена плажата, едноставно неповторлива убавина. Од потегот меѓу Трпејца па се до Љубаништа има многу диви плажи кои единствено може да се посетат со кајче. Водата е чиста и во неа се одразува зеленилото од високите дрва кои растат на падините на Галичица. Од високите врвови на Галичица постојано струи свеж воздух кој исто така го облагородува просторот и создава пријатно чувство за секој посетител, а навечер е свежо и во најжешките летни ноќи, кога на небото заради кристално чистиот воздух може да се набљудуваат безброј ѕвезди и траги од метеори кои кратко блеснуваат на небото пред да згаснат засекогаш. Многу пријателства, другарувања и љубовни врски се родиле токму за време на летувањата во кампот Љубаништа, посебно место кое исто така веројатно ќе го изгубиме под налетот на немилосрдниот капитализам.

Тие што прошетале низ повеќе земји на светот сигурно забележале дека најубавите места љубоморно се чуваат од комерцијални и гломазни објекти. Во Хрватска, на пример, најубавите плажи и острови не се даваат за комерцијална изградба, туку најчесто се оставаат недопрени, или во најлош случај се дозволуваат кампови кои најмалку влијаат на нарушувањето на природната околина и се вклопуваат во амбиентот, и покрај тоа што Хрватска има многу долго крајбрежје кое е илјадници километри долго (вклучувајќи го и крајбрежјето на островите). Огромни објекти нема да забележите ниту на езерото Комо во Италија, Женевското езеро и на други места со слични карактеристики. Веројатно затоа и во поранешниот систем единствено нешто што се изградило на овој простор е само кампот Љубаништа. 

Од тие причини, во јавноста како шок одекна веста дека индискиот милијардер Субрата Рој сака да гради огромен комплекс од 30-тина хектари со хотели, казина, барови, ноќни клубови, тениски игралишта, базени итн токму на ова место, кое делумно е во сопственост на селаните од Љубаништа и на МПЦ-ОА. Се чини дека заради огромноста комплексот повеќе одговара да се гради на некој морски брег заради ширината што ја нуди морето, а не во нашето сепак мало и ограничено со простор и ресурси Охридско езеро. Иако стручната јавност генерално се спротиставува на идејата овој комплекс да се гради токму на ова место, идејата постепено се турка и реализира и веројатно не е далеку денот кога ќе се премине и во нејзина директна реализација.

Каков ќар ќе имаме ние како граѓани на оваа земја ако на најубавото место во земјата никнат огромни бетонски зданија со кои ќе го загушиме просторот, ќе се прекине природниот тек и струење на водата, воздухот и живиот свет, ќе се уништат прекрасните плажи, ќе се наруши мирот и спокојството кое сега го има во манастирот Св. Наум и другите цркви и манастири? Обичниот граѓанин нема да има пристап до луксузниот комплекс во кој ќе може да беснеат белосветски авантуристи и богаташи, но не и обичниот Македонец. Зарем така лесно ќе се откажеме од нашите најдрагоцени вредности?

Секој кој го поддржува овој проект и на било каков начин придонесува за негова реализација буквално работи против највисоките интереси на својата земја и на својот народ и го распродава највредното што го имаме. На овој мегаломански проект се спротивставува и МПЦ-ОА преку надлежниот митрополит Тимотеј на Дебарско-кичевската и Плаошка епархија кој во повеќе наврати се изјаснува против проектот и не се согласува црковното земјиште да се даде за изградба на комплексот.

Покрај нарушувањето на природата и убавините на овој крај, се доведува во прашање и иницијативата регионот Охрид-Преспа да биде прогласен за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО, со оглед што дел од комплексот влегува во територијата на националниот парк Галичица, а прашање е и какви опструкции може да направи Албанија со оглед на тоа што комплексот се гради во непосредна близина на границата со западниот сосед.

Се изградбата на објекти на вода, но и со отпадот и загадувањето што сигурно ќе има влијание на околината се нарушува и чистотата на езерото во неговиот најзначаен дел, а да не заборавиме дека Охридското езеро е огромно богатство од секој аспект – едно од најстарите езера во светот со ендемска флора и фауна и непресушен извор на питка вода, која исто така станува проблем во светски рамки.

Во ваква констелација, мислам дека е најпаметно овој проект да се дислоцира во некоја помалку атрактивна локација на езерото и што подалеку од националниот парк Галичица и просторот кај Љубаништа, Трпејца и манастирот Св. Наум како предел од витално национално значење за Република Македонија и нејзините граѓани. На тој начин Субрата Рој би имал можност да си го изгради својот комплекс и да се развива туризмот во Охридско-Преспанскиот регион, но истовремено и нашите граѓани ќе може да здивнат и во иднина да ги користат благодетите на едно од најубавите места во Европа.

Со почит,
Тони Димитровски

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.