Г-не градоначалник. Ве молам присуствувајте без најава на едно стапување во граѓански брак. Што ке видите? Ќе видите една точно десетминутна монотона, летаргична сесија, која модерно се нарекува “регистрација” без капка свеченост, оптимизам и емпатија од страна на матичарот и советникот. За жал како да влегуваш во мрак, а не во брак. Верувам дека на истите им е тешко што истото го работат со години, но секоја професија не носи само задоволства. А да биде уште пострашно сето тоа се организира во петок, во работно време на матичарот, па се закажуваат едно 10-20 венчавки сериски, колку да поминат на редот. Не дај боже да ги замолиш за венчавка во сабота или недела,тоа ти е како да им вршиш притисок. Одма имаат одговор да им се донесе свечена покана за свадба на увид, божем тие се компетентни да извршат ревизија дали навистина организираш свадба. Ретко некој брачен пар се венчава во тајност без присуство на своите најблиски на ваков свечен чин.
Од неодамна слушнав и дека се наплаќало за закуп на салата, која патем речено исто безлично изгледа и за радост и за жалост. Да, да можеби за матичарите, советниците и некои други стапувањето во брак е „проформа“ но жалосно е тоа што само во нашиот модерен град сето тоа е толку тривијално и беззначајно. А да не „прајме муабет„ дека Охрид е сепак мултиетнички град, па сите не се венчаваат „свечено„ во црква. Кому му „текнало„ дека венчавката во црква треба да е посвечена од стапувањето во граѓански брак и излишно е да се коментира кој брак е заштитен со закон. И што направивме со младите во градов, ги изгњавивме со закажување на термин за венчавка, набрзина ги туркаме во брачни води и додека не се освестиле уште да им наплатиме како да се „криви„ што сакале да ја крунисаат својата љубов пред матичарот, во старата, излитена и монотона сала. Па право да ви кажам ако се сака за се се има решение, ако не може да се даде свечена нота во општинската сала на сето тоа, тогаш што му фали на матичарот да ги венча во ресторанот каде организираат прослава. Колку прекрасно изгледа Белград на пролет кога се венчаваат неколку стотини двојки пред очите на сите граѓани и тоа надвор, со еден матичар. Дајте малку простор за флексибилност, за младите брачни другари да не се чувствуваат како предвреме пензионирани после летаргичниот говор на матичарот.