Новостворената индиска фирма „Сахарајан Македонија“, според информациите од владата и средствата за известување, одлучила да инвестира во коцкарница во селото Љубаниште на Охридското езеро.
Македонскиот печат веќе информираше дека проектот е изготвен од лондонското проектантско биро „Аткинс“ и архитектот Tom Wright. Но на веб-страницата на бирото „Аткинс“ никаде не е спомнат проектот во Македонија нити пак можеме некаде да најдеме информации дека Tom Wright бил на лице место во Љубаништа и потоа го има изработено проектот согласно со конфигурацијата на земјиштето, изгледот на природата и историско-културната позадина.
Со други зборови, се` води кон фактот дека ова е проект кој е изваден од фиока и во прва рака наменет за некоја од арапските земји каде архитектурата на бирото „Аткинс“ е добро примена и донекаде по својата гломазност одговара на океанските површини и песочните пространства.
Се поставува прашање зошто не е распишан конкурс за проектот во Љубаништа, па потоа да се избере предлог кој најдобро би одговарал на охридските специфичности. Македонските медиуми кои некритички известуваат за проектот, веќе информираа дека е направена еколошка анализа од независна установа, но никаде не се спомнува која установа ја има направено анализата, кој од новинарите ја има прочитано истата или да се наведе име на одговорното лице за анализата.
По пуштањето на пробниот балон за изградба на аеродром на вода во Охрид (по се изгледа барање на индискиот инвеститор), и масовните протести на јавноста, владата со свиткана опашка го повлече предлогот. Наместо тоа, му вети на инвеститорот пловни објекти до Љубаништа, се разбира со цел да се скрати времето на трансфер од охридскиот аеродром до дестинацијата. Ниту во овој случај не се споменува дали некој има направено анализа за влијанието врз живиот свет во езерото или кон животната средина од бучавата, брзината и отпадните материи на тие пловни објекти.
Претставниците на владата зборуваат за позитивните ефекти од проектот и дека Охрид најпосле ќе добие елитни и монденски туристи. Но останува фактот дека главната насока на проектот во Љубаништа е коцкарница. Значи и примарната цел на гостите кои ќе дојдат е коцката, а не монденски туризам. А и да е така, што има Охрид да им понуди на тие елитни туристи – прошетка по кејот и разгледување на урнатините на Палас, Ривиера и ПТТ-хотелот, или куповите ѓубриња во втората линија од кејот и концерти со турбофолк музика? Зошто не се работи на тоа да се подобри општата туристичка слика на Охрид и да се разработи програма за развој на туризмот зависно од типот на туристите кои треба да се привлечат?
Паѓа во очи и тоа што никаде досега не сме имале можност да најдеме информации за економската анализа на овој проект – колку ќе чини, по која цена ќе се продаде земјиштето, колку обрт се очекува да оствари, колкав број посетители се потребни за таканаречен break even и.т.н.
Едно прашање што македонските новинари би требало да го истражат е зошто индиската компанија нема одлучено да инвестира на шпанското крајбрежје каде стотици хотели зјаат празни или во соседна Грција каде цели острови со изградена инфраструктура – аеродроми, патишта и хотели и денес стојат напуштени.
При правењето на економската анализа треба да се знае дека редиците туристи немаат лојалност кон една дестинација – во моментот кога ќе ја испробаат ја напуштаат за следната дестинација која во моментот е во мода.
Никој досега не го има поставено прашањето – што ако проектот не успее и зад себе остави бетонски костур во една осакатена природа? Сите владетели од ранг имаат за цел да остават белег во историјата. Некои од нив успеваат, но некои оставаат белези во негативна смисла. Дали моменталната владеачка гарнитура е спремна да биде таа која ќе остане во сеќавањето на народот по уништувањето на едно богатство од светско значење?
Јован Христовски
(Авторот е економист, а живее и работи во Шведска, во областа хотелиерство и туризам)
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.