Читајќи го интервјуто што е објавено од вашата колешка Ангела Белевска во “Охридски Новини“, не можам а да не се присетам на многуте “приказни“ што мојот (за жал,сега покоен) татко ги кажувал за Атина Бојаџи, Нико Нестор,К лиме Савин и останатите. Во тие шеесетти години од минатиот век и татко ми,како и неговите врсници, бил воодушевен од бранот на гости кои го посетувале Охрид само за да бидат дел од магијата наречена “Охридски Маратон“. Многу од тие млади охриѓани скоро за никаков финансиски надоместок ги возеле во кајчиња многуте “шеици и останати богаташи“ – а скоро секогаш гостите се покажувале како многу дарежливи во давањето бакшиш.

Но животните лекции кои татко ми ми ги пренесуваше не беа во врска со тоа колку било “профитабилно“ веслањето шеици во тоа време-наравоучението беше во тоа дека и ние сме имале со што да се гордееме! Сме ги имале Нестор, Савин, Бојаџи-сме ги имале луѓето за кои странците доаѓале во нашиот мал,убав Охрид само за да ги видат на дело во нивната природна средина-Охридското Езеро. А меѓу сите тие великани – младата Атина Бојаџи.

Сигурен сум дека нема потреба да се потсетуваме на достигнувањата на Атина Бојаџи.Сите знаат дека била светски првак,сите знаат за Ламанш,за Либанскиот маратон и другите достигнувања(а и да не знаеле-новинарката Ангела Белевска многу убаво го сумирала професионалниот живот на г-ѓата Бојаџи). Исто така,сите знаат дека Атина Бојаџи била и малку подзаборавена од скоро сите владини “гарнитури“ после стекнувањето на независноста на Македонија. Самата Атина кажува дека не била третирана како што еден великан на Македонскиот спорт треба дÐ ° се третира.

А сега е веќе доцна за корегирање на тие грешки. Обично дознаваме колку ни значеле луѓето тогаш кога веќе ги нема, кога не можеме да им го кажеме тоа лично. А Атина Бојаџи ни значеше многу-таа беше Амбасадор на Охрид,на Македонија,на Светското пливање. Самата Атина покажала со своите достигнувања дека не е само наша, на Охрид-таа е на целиот овој свет!

Со искрена надеж дека искажувањето на почит нема да остане само во декларативна форма, сакам само ќе ги препишам зборовите кои самата Бојаџи ги кажала во интервјуто со Ангела Белевска во врска со “заборавањето“ на великаните додека се сеуште живи:“Јас не сакам бисти и споменици да ми се подигнуваат по мојата смрт. Ние Македонците треба да се научиме дека вистинските вредности треба да ги негуваме додека ги имаме а не откако ќе ги изгубиме“. А за жал, во Охрид (а и во цела Македонија) имаме многу такви примери на луѓе на кои се присетувам е само кога ќе слушнеме дека веќе не се на овој свет!

Претходно кажав, а и самата Атина го мислела истото, дека сега е веќе доцна за “корегирање“ на нашата совест. Но доколку навистина сакаме да му покажеме на светот колку многу го цениме сето она што Атина Бојаџи му го дала на Охрид и на сите нас,тогаш ајде да покренеме иницијатива за одбележување на овој великан! Охрид и сега има доволен број на “обожаватели“(како што во 60тите години од минатиот век тоа биле шеиците) за да може достојно и автентично да се испочитува името на Атина Бојаџи. Така ќе изразиме почит и кон сите кои несебично се залагаа за возобновување на Охридскиот пливачки маратон и враќањето на Атина Бојаџи во Македонија. Меѓу нив секако е и покојниот Бoгоја Толески, кој имаше голема заслуга за тоа, пружајќи и несебична поддршка на Атина во моментите кога таа почнуваше нов живот по враќањето во родната земја.

А за крај ќе пренесам еден коментар кој е напишан на друг портал како реакција на веста за починувањето на Атина Бојаџи:“Да беше животот море, а деновите бродови – денеска ќе беше „Титаник“!“ Колку вистинито…

Милан Живковиќ

Последното интервју за охридските медиуми на Атина Бојаџи – спортистот на сите времиња