Моето име е Зијад, имам 14 години, јас сум личност со аутизам.

Јас не сум болен!

Имам семејство, брат. Моето семејство е како и секое друго, многу ме сака, среќно е што сум дел од него, не треба да го сожалувате поради мене. Сигурно и Вие сте личности со вештини и мани, но тие не Ве дефинираат како личност, и понатаму сте она што сте. Мојот аутизам не кажува се за мене, тој е само еден аспект од мојот карактер.

Јас само поразлично учам!

Мојата перцепција за светот во целост се разликува од Вашата. Претежно сум концентриран на Вашите визуелни движења, говорот тешко го разбирам, но тоа не значи дека не треба да ми се обраќате.

Јас сакам да разговарам со луѓето!

Мене светлата, движењата и боите ми доаѓаат одеднаш, без некој посебен редослед, па затоа многу често морам да го користам периферниот вид и да избегнувам директен контакт со очи додека разговарам, но јас не Ве избегнувам.

Јас сакам да комуницирам со другите!

Понекогаш не можам да ги препознаам Вашите емоции, не сум во состојба соодветно да ви одговорам на нив, не можам да разберам зошто сте лути или тажни и дали јас сум причината за нив, но да знаете дека и јас понекогаш истото го чувствувам.

Јас сум чувствителна личност!

Понекогаш не сум во можност да разберам ниту едно правило на однесување, па поради тоа моето однесување може да биде и непримерно, но Ве молам немојте веднаш да носите заклучок дека сум разгален, бидејќи јас не сум тоа.

Јас се обидувам да се однесувам убаво!

Ве молам да не ги учите вашите деца да ме избегнуваат, бидејќи јас не сум заразен, од мене на вашето дете не му се заканува поголема опасност од било кое друго дете. Поразлично реагирам на одредени работи, но јас не сум агресивен.

На вашето дете можам да му бидам пријател!

Вистина е дека не можам да направам многу работи, но поради тоа не ме гледајте како изгубен, знам да правам и тоа како многу работи, можеби некои од нив и многу подобро од вас.

Јас имам многу свои таленти!

Ве молам да ми дадете можност да се дружам, да учам и растам со вас, потребна ми е Вашата помош за да ги остварам сопствените потенцијали, со цел еден ден и јас да бидам корисен член на заедницата. Верувајте ми, јас имам многу да му дадам на светот.

Јас само сакам да бидам прифатен!

На крај Ве молам да запомнете дека за мене најважно е Вашето разбирање, НЕ сожалување. Јас не го одбрав аутизмот, тој ме одбра мене… Можевте и Вие да бидете на моето место!

Автор: Азра Лаиќ-Пеказ

Текстот е дел од кампањата „Ние не го одбравме аутизмот, аутизмот не одбра нас“ која е резултат на соработката на родители на деца со аутизам од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора.

OhridNews