АГОНИЈА  НА  КАЈАКОТ  НА  МИРНА  ВОДА,  А  АГЕНЦИЈАТА  ЗА МЛАДИ  И  СПОРТ  НИКАКО  ДА ,“ПРЕСЕЧЕ,“ ГОСПОДИНЕ  ПРЕМИЕР,  ПОМАГАЈТЕ!

На почетокот, сакам да ги потсетам Вашите почитувани читатели дека сум дологодишен спортски работник со над четитириесет годишно искуство и активна работа во кајак-кану спортот на мирна вода, од активен спортист до спортски работник (секретар и претседател на клуб во Струга и актуелен Генерален секретар на Федерацијата за кајак и кану на мирна вода на Република Македонија со седиште во Струга). 

Исто така, сакам да се извинам на колегите од Пливачката федерација на Македонија за тоа што состојбата во нивната федерација е повод за оваа моја реакција. Но, сакам да ги уверам дека мојата намера е да се разјаснат одредени работи во интерес на спортот во РМ со единствена цел: да укажам на грешките и злоупотребите кои ги правеле во минатиот период, а за голема жал и на штета на спортот, ги прават и денес, (не)одговорни раководни луѓе во Агенцијата за млади и спорт на РМ (АМС), независно од нивната партиска припадност. Во конкретниот случај обработен во предметниот напис присутен е ставот на г. Соколовски во кој се вели дека АМС е таа што ,,ќе пресече,, и во овој случај (со ПФМ). И, да констатирам: да, АМС може да пресече и во овој случај како, впрочем, и во сите слични случаи но, само и исклучиво според Законот! И, никако поинаку.

Е, токму заради тоа, да се јавам со своја реакција на написот ме поттикна самиот наслов.  Па, почитувани колеги спортски работници од ПФМ, АМС веќе три години ,,пресекува,, во Федерацијата за кајак и кану на мирна вода и никако ,,да пресече,, затоа што се обидува тоа да го направи спротивно на Законот за спорт, Законот за здруженија на граѓани, Законот за управна постапка па, ако сакате, спротивно ин а Уставот на РМ!.

Инаку, работата и во вашиот случај (како и во нашиот) е мошне едноставна. Постои само една федерација со легално избрано раководство за кое на собранието гласале мнозинството делегати од мнозинството клубови. И, точка. Ако, згора на се,извршените промени се упишани во Централниот Регистар на РМ со правосилно решение тогаш, работата на АМС ,,да пресече,, според Законот еуште полесна, да речам завршена.

Само за потсетување, право ,,да пресекува,, (арбитрира) кого ќе признава или не признава на АМС не и е дадено со ниту една одредба  од Законот за спорт или било кој друг Закон во РМкој се однесува на организирањето во спортот.  Така, во Законот за спорт на РМ  од 2002 година и во измените и дополнувањата на истиот усвоени во 2004 година нема ниту една одредба со која на АМС и се дава право ,,да пресекува,, во статутарното работење на една спортска федерација. Напротив, во член 4 став 3, 4 и 5 од Измените и дополнувањата на Законот за спорт стои, цитирам:
,,Државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во РМ кои имаат решенија за вршење дејност  од ист вид на спорт.

Федерацијата ја претставува лице кое е избрано со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието на федерацијата од ставот 6 на овој член.
Федерацијата од ставот 6 на овој член го известува органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот за лицето од ставот 7 на овој член,, – затворен цитат. (Потенцираното е мое).

Натаму, во Законот за здруженија на граѓани и фондации на РМ од 1998 година кој се однесува и на спортските федерации кои се, според суштината на своето организирање, токму здруженија на граѓани во втор степен (клубовите – основно здружување,  сочинуваат федерација – повисок степен на здружување), во член 5 став 2 и 3 стои, цитирам:
,,Здруженијата на граѓани и фондациите се самостојни во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со Статутот.  Здруженијата на граѓани и фондациите своите права, должности и одговорности ги остваруваат согласно Уставот, Законот и Статутот,, – затворен цитат.

И, последно, во Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица  од 2007 година, во член 7 став 2 стои, цитирам:
,,По ставот 1 се додаваат два нови става 2 и 3 кои гласат:
Став 2:  При уписот регистраторот:
1)    не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите;
2)    не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и
3)    не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со Закон.
Став 3:  За вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од  ставот 2 на овој член одговара лицето, односно лицата    определени со Закон,, – затворен цитат.
    
Цитираното доволно кажува дека, законските прописи во областа на спортот на РМ, и покрај сите недоречености и непрецизности, сепак се доволно јасни што се однесува на прашањето  дали, кога и каква арбитража на АМС (,,да пресече,,) е можна во случај кога се работи за регуларни избори спроведени според Статутот во која било спортска федерација во РМ како Уставно, Законско и демократско право регулирано со Статутот на федерацијата. Та, нели Статутот е највисокиот акт на секое здружение на граѓани па и на спортските федерациикој мора да биде восогласност со Уставот и Законите на РМ. Од реченото се наметнува заклучокот дека, според постојните законски решенија, НЕМА место за слободно арбитрирање од страна на АМС туку, спроведување на Законот за спорт и Законот за управна постапка и ништо повеќе.

Е, ама ,,ѓаволот ни ора ни копа,, рекол народот. Затоа, дозволете ми накусо да ви го претставам примерот на Федерацијата за кајак и кану на мирна вода на Македонија (ФККМВРМ) со седиште во Струга. Како што реков и погоре, АМС веќе три години ,,пресекува,, , ,,арбитрира,, и што уште не прави да го промени актуелното раководство на оваа федерација кое тоа не можело да биде иако е регуларно избрано од собранието (така ни беше во телефонски разговор речено од одговорни лица во АМС). Што е многу, многу е. Овде морам да истакнам дека, АМС во континуитет не ги почитува: Уставот на РМ, Законот за спорт,  Законот за здруженија на граѓани и фондации, Законот за општа управна постапка и т.н., во недоглед, од  Март 2007 година до денес. И, сето тоа, од страна на АМС, се манифестира со:

– непризнавање на демократското право на мнозинството да избере раководство за кое смета дека ќе биде квалитетно и успешно ќе раководи со федерацијата;
– неприфаќање и игнорирање на правосилното Решение издадено од Централниот регистар на РМ за извршениот упис на промените;
– прекин на секаква комуникација со избраното раководство на федерацијата (од околу педесеттина службени дописи до АМС за разни прашања, АМС одговори само на еден – нема да не финансира);
– тригодишен прекин на финансирањето на активностите на федерацијата (кој знае до кога) и згора на се
– пред некој ден добивме ,,шлаг на тортата,, – по инспекциските контроли од страна на АМС во федерацијата и клубовите ,,пријатно сме изненадени,, со доставување на решенија за одземање на решенијата за вршење дејност спорт на Клубовите *РИБАР* од Трпејца и *ПЕШТАНИ*  од Пештани. Замислите, АМС која не дава ниту денар за отворање и активност на клубовите, едноставно и неосновано ГИ ЗАТВОРА! Да е парадоксот поголем, пак се работи за конструкција, ќеф и инает на поединциод АМС. Апсурдно и трагично, нели? Дали тоа не е уништување, а не развој на спортот?  Дали е тоа целта на постоењето на највисокиот државен орган во спортот на Република Македонија?

Во изминативе три години на самоволие, злоупотреба на службената должност и фалсификати од страна на поединци во АМС, кајак-кану спортот на мирна вода е во агонија и пред колапс, така што веќе му се заканува тотална смрт, вистинска не клиничка!

А, замислете, сето тоа што го прават (не)одговорните луѓе во АМС е во спротивност со прокламираните програмски начела на сите политички партии кои биле на власт во Република Македонија, од осамостојувањето до денес, за: почитување на граѓанските слободи и права, владеење на правото, демократија и т.н. и т.н. Тоа, очигледно не важи за АМС кога се работи за средување на односите во спортот на Република Македонија. Наместо средување на односите и решавање на проблемите кои повремено (инцидентно или намерно, сеедно) искрснуваат во спортските федерации, тие ,,со сесрдна помош,,  на АМС, само и понатаму се влошуваат. До максимум, па кој ќе издржи!

Уште еднаш сакам да подвлечам дека, со ниту едно актуелно законско решение АМС НЕ Е ОВЛАСТЕНА  да признава или не признава туку, единствено и исклучиво да ја прифати волјата на мнозинството изразена на легално и статутарно собрание и да го прифати РЕШЕНИЕТО на Централниот Регистар на РМ донесено во законска постапка. Согласно законските прописи на РМ, единствено Централниот Регистар на РМ е надлежен да изврши упис во Регистарот на здруженијата на граѓани (тука спаѓаат и спортските федерации) на сите законски и статутарно извршени промени во која било спортска федерација во РМ, во согласност со Законот и поднесената документација, а АМС Е ДОЛЖНА да го прифати правосилното Решение на Централниот регистар. Во спротивно, секакво поинакво однесување на АМС претставува самоволие, злоупотреба на службената должност и флагрантно кршење на Уставот и Законите на Република Македонија.

За да излеземе од ќорсокакот во кој сме длабоко навлезени во односите, а во интерес на спортот и младите за кои постоиме и во што се колнеме (барем на телевизиските екрани по разни поводи), АПЕЛИРАМ  на свеста и совеста на раководството на АМС и го повикувам да почне со почитување на Законите и работа според нив; да престане со шиканирањето на актуелното, регуларно избрано раководство на Федерацијата  за кајак и кану на мирна вода;  да воспостави редовен нормален контакт и да почне со финансирање на активностите на Федерацијата. Во спротивно, тежината на уништениот кајак и кану на мирна вода во Република Македонија и одговорноста за тоа ќе падне врз нивните плеќи.

И, сосема за крај. Повторно, сега јавно, се обраќам за помош до Премиерот на Република Македонија, г. Никола Груевски. Велам повторно затоа што,  до него се обративме писмено за помош уште пред повеќе од една година. За жал, без позитивен одговор. Единствениот одговор кој дојде од Кабинетот на Премиерот  беше во стилот: средете си ги сами работите, ние не можеме да се мешаме?! Добро, ама што да правиме кога не сме во состојба сами да си ги средиме работите зашто не сме сами? Тука е и АМС. Затоа, не треба ли некој да ни помогне или можеби е сеедно. Со кајак-кану спорт на мирна вода или и без него, Република Македонија ќе стаса во Европа!

Љупчо  Пинтоски,
                    Генерален секретар на КФМВРМ

Ставовите
изнесени во рубриката Ваши ПИСМА, се ставови на читателите и
редакцијата на „Ohridnews“  не сноси одговорност за изнесеното во
текстовите.


Од редакцијата