“Гласај Охридското езеро да стане 7-мо светско чудо, преку веб страницата: “www.new7wonders.com“
 
После овој повик на “Ohridnews„ добив инспирација да си направам мој топ 7 од Охридски чуда….!

7. Летно чудо. Имам желба еден ден во животов да работам како сообраќаец во Охрид.

Во ултра шпиц летна сезона. Навечер во 19.00 саатот, во недела. Кога ќе си
одат 10.000 гости од на плажа за дома. А јас да го регулирам во овој хаос огромниот непредвидлив сообраќај кај “Охридска Банка”. Семафорите се привремено исклучени. Покрај мене да поминуваат на милиметар секакви возила и возачи со различни карактери. Сите се брзаат, сите се зафатени со стрес, никој нема време да чека.
А сообраќаецот си ужива со неговото свирче. Во испеглана плава кошула, темни пантолонии и светнати чевли. Избричен. Тој е режисер.

Иако има некој најново возило, глисер, мотор, пари, станови, објекти, славна функција, врски или успешни фирми. И што ако е некој ѕвезда, директор, бизнисмен, политичар, пратеник, познат или непознат.  Во овој момент сите се во раце на сообраќаецот. На ова парче асфалт во Охрид сме сите рамноправни. Сообраќаецот си ужива.  Работи ко диригент на оркестар. Околу него се случува се. Музика, коли што бучат, што свират, патници што пцујат, цигари се фрлаат, млади, стари, учени, невоспитани, интелигентни. Секој еден е на свој начин нервозен или опуштен. А охридскиот сообраќаец со неговите остри очи, уши, раце, прсти ко балерина на театарски  подиум си работи во свој свет. Со душа го чека следниот викенд. Само почит спрема охридските сообраќајци што се движат на 50 см. квадратни. Што ризикуваат живот на летен, топол асфалт.

6. Класично чудо. Рибарине после мостон. Со нивните тајни, смешки, авантури, мимики, анегдоти, надежи, желби, емоции, фаци, опреми и трпение. Време или невреме. Криза или не. Туристи или не. Сонце или не. Семинари или не. Тие се секогаш тука.

5. Реално чудо. Тезги, кошници, класични селани и селанки. Едноставно искрено чуство од реалниот живот во охридскиот пазар. А покрај кејот секундарна средба со Ламборџини и  Агуста Ф4 Сена.

4. Неверојатно чудо. Основно училиште Свети Климент. Тие деца што седат таму во клупите мораат да се пресреќни. Во овој амбиент, на оваа јака локација се добива животна инспирација што ќе ти остане вечно во главата.

3. Уметничко чудо. Во близина на Света Софија и Уранија има тесни, испикани, интимни, скришни, филмски, стари, изненадни, поетски куќи и сокачиња што те водат до езеро. Ко да одиш црно бело чекор по чекор во 1957 година.

2. Топ чудо. Пробудување во 7.00 саатот во хотел Свети Наум, со поглед спрема црквата и езерото.

1. Секојдневно чудо. Во Охрид се и сешто е чудо. Во секаква смисла на зборов.

 
В. де Вриеж
Амстердам-Холандија