Во улица непозната. Ќе дишиш воздух со друга миризба, ќе имаш комшии во друга атмосфера. Друга култура. Ќе треба да научиш друг речник и да размислуваш на друг јазик. Да научиш друг менталитет, други обичаи, други вицеви, други колеги, други пријатели. Млекото инаку ќе ти мириса, лебот ке има друг вкус, водата ќе има чуден вкус. Се ќе ти пречи. Но ќе се навикнеш. Мора. Што да правиш. Сведок ќе си на своето повторно раѓање на возразни години.
Кога ги слушнав ова лето во Охрид овие зборови од наши пријатели се закочив во Охридското лудило. Се блокирав. Таа иселеничка виза за преку Атлантскиот океан е многу добредојдена. Ама е и проклета. Оставаш еден живот и ќе почнеш нов со големи несигурни прашања. Со нови сонови, идеали, планови. Тешка животна дилема кога реалноста е во близина. А да, што ќе ставиш во тие три куфери? Дозволено од авиокомпанијата е само 23 кила за секој патник. Три пати по 3 е заедно 69 кила. Од Охрид за Америка патуваш 17 сати. Преку три аеродроми, три држави. По 5 сати чекање во аеродромски простори. Каде што се движат на секој квадаратен метар различни фаци и сенки од скриени приказни. Секој еден е тргнат за некаде со некоја намера. И ти си седиш на црни кожни аеродромски фотелји. Со ранец. Во него има Охридски ѓеврек. Стално е сладок, мек. Денес е сув и не можеш да голташ. Четириесет години како филм за 40 секунди ти вртат низ грлото. Вечерва не се враќаш дома. Не бараш такси 1594 или 1588. Вечерва нема кафе кај кумот, утре нема скара в село, нема прошетка на Галичица.
Ми крцкаше мозоков. Знам колку е тешко кога ќе полета авионот. Кога дефинитивно се одделува од македонската земја. Се бориш против емоциите. Не знаеш како или кога ќе се вратиш. И во кое време повторно ќе се видиш со твоите најмили. Со човечка фантазија одиш во мистериозна дестинација. Го гледаш Охрид од авионско мало пластично прозорче. Како музеј. Сведок си на таа убавина. Еј ја фати патеката спрема светилникон. Светилникот ти дава одговори, мали сигнали. Колкупати си се шетал таму. Лете, зима, ветар, дожд или сонце. Како дете, тинејџер, студент, млад и родител. Светилникот барем го виде. Облаците се многу груби денес. Не ти прават друштво за комплетна заедничка веселба. Ти го спречија ултимниот момент за да се поздравиш со цел Охрид и плажите, Свети Наум. Твојот Охрид. Еј го гледаш како плашици в езеро Велгошти, Лескоец, плавине обелени симболи од некогашната Застава, бензинска, бачило во Лакочереј. И во далечина Брежанските планини. Чао Македонија.
Ама тука е и Ohridnews! Што се секирате. Секој ден добро утро со Ohridnews во друг свет. Да ви кажам и тоа има некој си шарм. Охрид не е центарот на светот, колку и да сакаме да е така. Има повеќе од Охрид. Затоа се решивте да го видите тој доказ со свои очи. Ви се отвори затворената врата. Не се работи за пари! Само многу, многу среќа и здравје. Чао. И чекам Бојан да си ја исполни желбата за да стане прв Македонски космонаут.
Поздрав,
Влатко од Амстердам, Холандија