Оружје и други предмети кои им припаѓале на прочуените криминалци Бони и Клајд, ќе се најдат на аукција во Њу Хемпшир на 30 септември. Пиштолите се пронајдени кај нив кога се убиени, а се проценува дека можат да бидат продадени по цена од 200 000 долари.

Освен пиштолите, на аукцијата ќе се најдат и златен џебен часовник кој го имал Клајд, мал несесер со кармин и пудра кои и припаѓале на Бони, како и писмо кое Клајд го напишал за неговиот брат на позадината од една фотографија на која се гледа куќа опкружена со вода.

Врз основа на податоци од ФБИ, Бони и Клајд се запознале во Тексас во 1930 година, и се верува дека се до смртта извршиле 13 убиства и неколку грабежи. Меѓу нивните жртви се и членови на полицијата. Парот е познат по своите патувања по американскиот среден запад и југ, каде што ограбувале банки и продавници.
Заседата во која се убиени ја организирал тесашкиот ренџер Френк Хамер со уште шест други луѓе.