Преку настанот „Писателите за писателот Тоде“ утре во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде оддадена почит кон ликот и делото на покојниот македонски поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист од Охрид, Тоде Иливески.

Како што информираат од Библиотеката на настанот писатели и претставници од Установата преку избор на песни од Иливески и свои стихови ќе се потсетат на некоговиот живот и творештвото.

Илиевски завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како просветен работник во повеќе места во Западна Македонија. Бил директор на Радио Дебар и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. Учествувал во работата на редакциите на „Јужен бран“, „Спизалит“, „Радосна вест“ и „Копнежи“, а бил главен и одговорен уредник на енигматските забавници „Клуч“ и „Ѕуница“. Одделни песни му се препеани на други јазици. Застапуван е во антологии, избори и учебници. Преведува од словенските јазици.

Илиевски е автор на делата „Ведро едро“ (поезија за деца, 1990), „Концерт за шумите“ (поезија, 1992) „Изворите во горите“ (поезија за деца, 1999) „Зелен блен“ (поезија, 2001) „8X8 by Tode Ilievski – 64 selected problems 1977 – 2002“ (шаховски проблеми, 2002) „Лов на Лебедовото Езеро“ (поезија, 2008) „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“ (лексикон на приватни библиотеки во соавторство со Виолета Мартиновска, 2008) „Липов чај“ (поезија за деца, 2009) „Ќерката на поетот“ (поезија, 2011) „Белиот предел“ (поезија за деца, ПНВ Публикации, 2021). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Добитник е на Повелбата на Св. Климент (за творештво, 2002) како и наградите на Празникот на липите (за песна, 2003 и 2006), на фестивалот Славјанска прегратка – Варна (за песна, 2008), на Издавачката куќа „Феникс“ (за краток расказ, 2008) и наградата „Ванчо Николески“ (за најдобра стихозбирка за деца, 2010)Ш8Ќ

Во 2023 година Тоде Илиевски постхумно беше прогласен за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“.

OhridNews