Неочекуваниот дожд на почeтокот од трката навести интересен расплет, но никој не можеше да претпостави дека ќе присуствуваме на завршница која како да беше филмски режирана. Токму финишот на трката и ќе биде анализиран дополнително наредните денови за да се одгатне што навистина се случи во последните свиоци од трката. Драмата на инаку мирната трка започна на 5 круга до крајот, кога водечките тимови влегојав о бокс да ги променат гумите поради дождот кој почна да врне тогаш. Во тие моменти возачот на Ферари Фелипе Маса беше прв, Алонсо втор, Раиконен трет, а водечкиот во генералниот пласман Хамилтон четврти. Нему му беше доволно и петто место за да ја осигура титулата. По излегувањето од боксот Хамилтон се најде токму на петтото место. Пред него беше Тимо Глок-Тојота, а зад него Себастијан Фетел чиј болид користи мотор од Ферари. На два круга до крајот Фетел го мина Хамилтон и во тие моменти Маса возеше кон титулата. Тој веќе ја мина целната линија, а во боксот на Ферари и на трибините започна невидено славје кога срцата на тифозите на црното коњче ги скрши официјалната информација дека Хамилтон минал како 5-ти на целта со што стана светски шампион. Тоа му го овозможи Глок кој во финишот беше минат од Фетел и Хамилтон. Насмевката на Маса се претвори во солзи, радоста на тимот и навивачите на Ферари во неверување. Спротивни емоции во таборот на Мекларен. Иако се чинеше дека историјата се повторува и дека Хамилтон втора година по ред ќе ја загуби титулата во последната трка, се случи чудо. Никогаш потажна не била церемионијата на прогласувањето на победниците на која шампањско со горчлив вкус пиеја Маса, Алонсо и Раиконен кој беше трет.
Иако загуби Маса беше голем на прес конференцијата. Не можејќи да ги сокрие солзите рече дека ова е многу емотивен ден за него. Скоро се направивме перфектно денеска, но не успеавме, рече Маса. Знам како да победувам, но знам како и да губам, рече Маса кој му ја честита титулата на Хамилтон. Јас ќе ја напуштам патеката со крената глава, додаде Маса.