Ракометарите на Вардар се наоѓаат пред нов пласман на завршниот турнир во Лигата на Шампиони, откако во првиот четвртфинален натпревар го декласираа Пик Сегед со 31-23 (14-12) во Скопје.
Спортската сала „Јане Сандански“ беше претесна да ги собере сите љубители на ракометот, а Пик Сегед потклекна пред „црвено црниот“ вулкан кој се распламти во второто полувреме.
На почетокот од натпреварот Пик Сегед го контролираше резултатот, но брзо Вардар го презеде кормилото и се одлепи на два погодоци. Околу 20-та минута „вардарци“ поведоа со 11-7, но со еден добар финиш Пик Сегед успеа да ја преполови негативата и на одмор да замине со минус два (14-12).
Во почетните минути од второто полувреме резултатот не се промени. Вардар додаде гас и ја повтори најголемата предност од четири голови (21-17). Гостите со серија 3-0 дојдоа до 21-20 и најавија неизвесен финиш.
Во моментите кога домашниот состав немаше батерија се уклучи публиката и со фантастично навивање му даде ветар на грб на своите миленици. „Вардарци“ максимално ја стегнаа одбраната, а нападот капитализираше со голови. Од минута во минута се зголемуваше разликата, а за целосно лудило во Скопје се погрижи Криштопанс кој погоди со звукот на сирената за конечни 31-23.
Криштопанс и Карачиќ со осум голови беа најефикасни во тимот на Вардар, а шест голови постигна Скубе, додека Милосављев собра 10 успешни интервенции на голот.
Реваншот се игра на 6 мај.
OhridNews