Русите одамна се служат со алкохолот за да го ублажат стресот на работното место, а еден од нив неодамна бил толку пијан што не го забележал ножот кој колега му го забил во грбот, објавиле локалните новини.
Весниците Комсомолскаја Правда и Газета објавиле вест од Вологда, град северно од Москва, за електричар кому чуварот на фабриката во пијана кавга му забил нож во грбот.
Прободениот Јуриј Љаљин (53) се онесвестил во фабриката, а кога утрото се разбудил, се обидел да продолжи со работа, но надредените го пуштиле дома поради пијанство.Никој не забележал дека помеѓу лопатката му виси 15 центиметри долг нож.
Јуриј отишол дома, јадел и одлучил да прилегне. Неколку часа подоцна го разбудила сопругата која го предупредила за ножот во грбот.
Ножот бил навлезен во меко ткиво и цела среќа не чепнал ниту еден витален орган.
Јуриј филозофски го коментирал целиот случај:„Пиевме, а кога пиеш, се може да се случи“.