ПХВ младинците од Црвен Крст Охрид во нова хумана мисија – да и се подобрат животните услови на една сама социјално загрозена бабичка. За таа цел, во сабота (23.03.) ќе се реализира хуманитарно велосипедско возење, со почеток од 11 часот пред НУ Центар за култура „Григор Прличев“. Учесниците со купена карта од 100 денари ќе добијат зелени ленти како симболика за еколошката тема на овој настан. Тие ќе возат до Горица 3, каде што ќе имаат пауза за вода и енергетски плочки. Целта е на градскиот плоштад, каде ќе има акустична свирка.
Учесниците треба да носат кациги и зелена облека со цел да се покрене свеста за лошата еколошка ситуација во нашиот регион.
Во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид, започнува новиот циклус од програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности).
ЦКА-ПХВ е национална програма која се реализира во сите општински организации на Црвен крст на територијата на Република Македонија. Концептот и методологијата на проектот се одобрени и поддржани од Министерството за образование на Република Македонија.
Целта на оваа програма е регрутирање и задржување волонтери, оспособени за работа на мали проекти, преку кои се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство. Секоја година околу 30 младинци на возраст од 14- 17 години добиваат обука и се оспособуваат за работа на терен, односно како да ги истражат потребите на заедницата, како да дојдат до целната група и како да им помогнат на оние на кои помошта им е најпотребна, притоа правејќи мали проекти, но од огромно значење за заедницата.
OhridNews