Петто јубилејно издание на Охрид Ултра-Треил ќе се одржи во сабота. Според организаторите, спортските здруженија Трекс од Скопје и Топ Адвенчрс од Охрид, на Галичица ќе трчаат 430 планински тркачи од 32 земји.
Охрид Ултра-Треил или скратено ОУТ оваа година е закажан за 27 мај (сабота) со различни временски стартови и локации на четирите планински трки на 110, 65, 40 и 22 километри. Најдолгата трка насловена како и самиот настан Охрид Ултра-Треил е единствена од трките која ќе стартува на 26 мај (петок) во 23 часот навечер од Охрид, потоа следи Галичица Ултра 65 километри со старт во 7 часот изутрина од Св. Наум па Самотска Маратон со старт од Пештани во 9 часот, а најкратката Летница Треил започнува во 11 часот од Велгошти, велат организаторите.
Сите трки, додаваат, минуваат низ патеки, врвови, гребени и долини во националниот парк Галичица, а финишот е на градскиот плоштад во Охрид.
Оваа година интересот за трките е голем, а финалната бројка на тркачи за 30% поголема од минатата година и таа брои 61 учесници на 100км, 55 на 65км, 95 на 40км и 224 на 22км. Интересно е да се напомене дека за настанот Охрид Ултра-Треил има огромен интерес од странските тркачи и авантуристи и тоа не само од околните соседни држави туку и од далечни. Досега настанот континуирано бележи статистика од над 50% странски тркачи, а оваа година на трките ќе трчаат претставници од 32 земји (најголема разновидност досега) и тоа од Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Полска, Словачка, Чешка, Тајланд, Јапонија, САД, Франција, Португалија, Велика Британија, Словенија, Италија итн. покрај стандардните поддржувачи од Србија, Албанија, Косово, БиХ и Грција, потенцираат организаторите.
Приказната на Охрид Ултра-Треил започна во 2019 година како настан со две трки во планинско трчање од 60 и 30 километри, а од првата бројка на учесници – 130 пријавени тркачи, за четири одлични последователни изданија Охрид Ултра-Треил прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан кој се одвива под отворено небо.
OhridNews