Со дефиле низ вевчанските улици, вечерва, ќe започне фестивалот на народна култура „Пображење“- Вевчани. Оваа година ќе настапат 15 групи или вкупно над 400 уметници од земјава и странство кои ќе го презентираат фолклорот, традицијата и обичаите од својот регион и држава. За прв пат фестивалот ќе биде од натпреварувачки карактер, за што организаторот доделува признание „Чувари на изворната фолклорна традиција“.
Петтото по ред, јублејно издание, свечено ќе го отвори заменик-министерот за култура Драган Неделковиќ. Фестивалот е во организација на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, а се одржува под покровителство на Министерството за култура и локалната самоуправа од Вевчани.
Паралелно со фолклорните презентации во Вевчани за време на фестивалот проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, проф. д-р Даворин Трпевски, м-р Ивона Опетческа-Татарчевска, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе спроведат етнографско теренско истражување на тема „Празникот Пображење во Вевчани“. Ликовниот уметник Боро Арсовски, пак, за време на фестивалот ќе релизира уметничко дело инспирирано од фолклорот и традицијата во Вевчани.
Вториот ден од фестивалот ќе биде посветен на големиот јубилеј „70 години УНЕСКО“. Фестивалот завршува на 19-ти август со етно вечер на која ќе настапи познатиот ансамбл на народни инструменти и песни „Стевче Стојковски’’ од Скопје заедно со пејачката група „Меџидија“. Програмите за трите вечери на Фестивалот ќе се одржуваат со почеток во 20.30 часот, во спортското двориште во центарот на Вевчани.
OhridNews