Од 23 до 27 април во Охрид се одржува Петтиот јубилеен ПРО ПР конгрес за односи со јавност во Југоисточна Европа, што го организира агенцијата Априори Комуникации. Наредниве 4 дена во хотелот Инекс Горица, знаењата од областа на комуникациите и односите со јавноста, ќе ги разменуваат 150 учесници од 10 европски земји. Новина годинава е што досега овој ПРО ПР конгрес се организираше за државите од Алпе-Јадран регионот, или поранешните ЈУ простори, а сега тој се проширува на земјите од Југоисточна Европа. Слоганот на овој конгрес е “Поврзување во движење“,  а главната тема “Големи настани“.


Големи настани од кој ќе се „извлекуваат“ искуства се Олимпијадата во Атина, воведувањето на еврото во Словенија, изборната кампања на будес-канцеларката Ангела Меркел и др. Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, изјави дека „Односите со јавност“, односно ПиАр секторот е сеуште млада гранка во Македонија, но од година во година стандардите се се` повисоки и подобри, не само во јавниот туку и во приватниот сектор.

„Ова е дисциплина која секојдневно напредува. Овој конгрес ќе биде импулс во позитивна насока и за нас во Македонија. Посебно ќе биде корисен семинарот на кој ќе ги споделиме искуствата од Словенија, посебно во делот на ЕУ и НАТО интеграцијата“ нагласи Боцевски.

За организационата поставеност и искуства од политичка кампања ќе говори Ангелика Вагнер, близок соработник на Ангела Меркел.

„Нема некоја голема тајна околу успешноста на една кампања. Г-ѓа Меркел воведе нова политика и нов стил во однесувањето. Имаше чесен пристап кон ветувањата кои ги даде, а нашата победничка кампања во 2005 беше добар микс помеѓу традиционални и нови елементи на водење кампања“ изјави Вагнер.

Организаторот на конгресот Даниел Колетиќ од „Априори ПР“ изјави:


„Односите со јавност во Македонија се во зародиш. Верувам дека оваа наука ќе се развие, за оваа струка ќе бидат потребни кадри, можеби околу илјада. Единствено што е потребно е ускладување академската заедница, трендовите и теоријата. Со овој конгрес сакаме да отвориме нова страница, визијата ни е ова да биде водечки конгрес на Југоисточна Европа“.


Мисијата на ПРО ПР конгресот во Охрид, што ќе го следат и 10-тина новинари од реномирани медиумски куќи од регионов, е да им се даде можност на сите кои професионално се занимаваат со односи со јавноста и комуникациите, да ги збогатат своите знаења. За Охрид ова е уште една можност да ги промовира своите туристички потенцијали во светот.

С. Костоски
Г. Момироски