Од 18ти септември, среда, во тек е голема акција за барање и спасување на државјанин на Белгија, кој се движел по позната патека High Scardus Trail, почнувајќи од нејзината 14та етапа, во Hinoske, Albanija, со план за нејзино целозно завршување се до етапа 22, во Св. Наум, на Охридското Езеро информираат од Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС).
Во изминатите 5 денови, во соработка со Интерпол, Граничната полиција и клегите од Планинската Спасителна Служба од Косово, пребарани се етапите 14 до 20, на територија од Македонска и Албанска страна. За жал, до овој момент не е пронајдена ниту една трага од исчезнатиот турист посочуваат.
Претседателот на НСПС, додаваат, е во постојана секојдневна комуникација со конзуларното претставништво на Белгија во Албанија, кое ја покрена акцијата за пребарување, како и со МВР и Интерпол во земјава, а во пребарувањето на терен се вклучени волонтери од Планинската Спаистелна Служба при Црвен крст Охрид, Здружението за заштита и спасување Асклепиј од Скопје, Водичи од Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина, Планинарски клуб Церн Камен од Вевчани, планинари од општина Ростуше, припадници на Граничната полиција, како и колеги од Планинската Спасителна Служба од Косово, кои пребаруваат на албанска територија.
Од СВР Охрид информираат дека на 18.09.2024 од амбасадата на Кралството Белгија, пријавено е дека исчезнал Ј.M.(72) од Белгија.
Според пријавеното, тој имал планирано рута за планинарење во реонот Охрид – Струга (Вевчани) – Дебар (Битуше) и на север кон Албанија, но се уште не се знае дали лицето се упатило на планинарење. Со помош на дрон, извршена е потрага и опсервација на теренот, но лицето не е пронајдено и не се пронајдени предмети и траги кои укажуваат на присуство на лицето на наведениот терен, велат од СВР Охрид.
Додаваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Н.С.Ј.
Фото. НСПС