На 30-ти ноември охридскиот уметник Сашо Блажес ќе ги изложи своите дела во галеријата „Art Yourself Gallery од Букурешт. Оваа негова петта по ред самостојна изложба е насловена “mirrors of reality” и содржи 23 дела изработени во периодот од 2012-2014 година. 

-Сликите се инспирирани од мојата меморија на луѓе ,места, нарации од литература и филм. Се служам со пластичниот елемент не да копирам од природата туку како алатка за инвенција на нештата, за проширување на можности, за откривање на најразлични реалности, комбинирајќи ги апстрактните елементи и ставајќи ги во фигуративен контекст. – вели Сашо Блажес.

Делата се изработени во комбинирана техника, на хартија и на платно.

Изложбата ќе трае до 7-ми јануари, следната година.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид. Дипломирал и магистрирал на Факултет за ликовна уметност Букурешт, Романија.Работи како кустос за современа уметност во Националната Установа Завод и Музеј Охрид –Охрид, Македонија. Покрај петте самостојни изложби илзожувал дела и на голем број групни изложби.

OhridNews