Со реализација на проектите од областа на спортот и спортската инфраструктура, ќе придонесеме за подобрување на условите за спортување, натпреварување и рекреирање на сите граѓани, истакна носителот на кандидатската листа на советници од ВМРО ДПМНЕ и актуелен претседател на општинскиот комитет на партијата д-р Кирил Пецаков на денешната прес конференција што се одржа на СРЦ „Билјанини Извори“.
-Постојната трибина на фудбалскиот стадион со реконструкција ќе прерасне во современа трибина. Во рамките на трибината ќе има четири соблекувални, просторија за Атлетски клуб Охрид, и просторија на Општински фудбалски сојуз Охрид. Секогаш младите, младите, младите. Младите се движечка сила и промотор на новите вредности на општетството и градот. Младите се иднината на градот Охрид. Кога станува збор за младите, и понатаму ќе продолжиме да вложуваме значителни ресурси и посветено да работиме врз развивањето и насочувањето на потенцијалот што го имаат младите генерации и кон обезбедување подобри услови за живот и за поддршка на проекти што ќе ги опфатат нивните потреби. – рече Пецаков.
Како предизборен проект Пецаков го најави и фудбалскиот камп „Барселона“ – летен камп за деца од 6 до 16 години под спортска палка на врвни фудбалски тренери од Фудбалската школа на ФК Барселона, како спортската академија.
– Веќе четврта година со ред покрај спортската академија во Скопје, Охрид ги има спортските паралелки по фудбал, ракомет и кошарка. Ќе продолжи со работа дисперзираната паралелка по фудбал во рамките на ОУТУ „Ванчо Питошески“, со цел учениците во средното образование, преку посебно обликуван образовен процес со акцент на практичниот дел-тренингот да се оспособат да постигнат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да бидат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. Ќе работиме на создавање квалитетни спортски кадри и спортисти, кои ќе го промовираат спортот и Охрид, како спортски град. – рече Пецаков и ги повика гласачите на претстојните локални избори во Охрид да го заокружат бројот 13.
OhridNews