Како СДС Охрид планира да ја прошири зоната на строга заштита на остатокот од Студенчишко Блато на цели 70 хектари?, праша на денешната прес конференција кандидатот за советник и носител на кандидатската листа од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
– Дали тоа ќе се прави со експропријација на земја и како таа земја ќе се одзема од сопствениците и најважно по која цена планираат во СДС да ја платат земјава која според најавите кои ги дадоа мора да биде одземена од сопствениците? ВМРО-ДПМНЕ јавно ги прашува носителот на листата на СДС Константин Георгиевски и кандидатот Јован Стојаноски да одговорат пред целата охридска јавност, но посебно пред жителите на Рача и пред сите сопственици на имот околу заштитената зона на Студенчишко Блато, колку земја ќе се одземе од луѓе кои живеат во Рача, а кои земјата ја наследиле од своите дедовци и прадедовци, ја сочувале го нивните фамилии со векови во сите окупаторски власти кои го завојувале овој простор, за сега кандидатите од СДСМ да им ветат дека ќе им ја земат земјата за да прават ново блато, рече Пецаков.
Упати прашање до Георгиевски и Стојаноски дали знаат кој го уништил блатото?
– Дали двајцата знаат што е ова на сликава? Ова е целиот градежен шут од урнатата стара библиотека кој се донесе во Студенчишко блато и тука се депонира токму во време кога СДС владееше со градот Охрид во 2008 година. Дали двајцата тие знаат дека и асфалтниот пат на кој стоеше кандидатот за советник Константин Георгиевски е изграден на приватна земја? И дали знае дека сопственикот на земјата може согласно Закон да го огради просторот и патот да се затвори бидејќи минува низ приватна земја? И на крај дали се прашува Коснтантин и Јован кој го изгради патот на таа приватна земја?, праша Пецаков.
Додаде дека треба да престанат паушалните прес-конференции, непромислени ветувања како таа дека секоја месна заедница ќе има од 500 000 до 1 милион денари на располагање, како што рече Пецаков, бидејќи за тоа нема законска основа.
OhridNews