Денес, на 4 април, одбележуваме важен момент во историјата на меѓународната безбедност и одбрана – Денот на формирањето на Северноатлантската алијанса, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, по повод Денот на НАТО.

Пред 75 години, нациите основачи на НАТО ја поставија основата за организација што ќе стане камен-темелник на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот. Во годината во која Северна Македонија одбележува 4 години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност, вели министерката Петровска.

Тоа е, додава таа, успехот на нашата генерација, но во тој успех се вградија и сите оние кои пред нас нè водеа кон истата цел – држава чија безбедност и стабилност е гарантирана и однатре, но и од нашите сојузници.

Како министерка за одбрана, чувствувам голема чест и одговорност што ја предводам одбраната во овие времиња кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било. Нашата интеграција во НАТО не е само потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста, туку и сведоштво за нашата подготвеност да придонесуваме кон глобалната безбедност, вели Петровска.

Нагласува дека делиме иста цел и вредности со сојузниците во Алијансата.

Имаме иста цел и заедничка мисија со сојузниците. Имаме исти вредности. Безбедност, стабилност, мир, солидарност и меѓусебна поддршка. Заедно, ние сме посилни и подобро подготвени да се соочиме со предизвиците што нè очекуваат. Само преку колективната одбрана и соработка можеме да градиме постојан и траен мир. Нека ни е честит денот на сојузничкото единство, нека ни е честит Денот на НАТО!, посочува министерката за одбрана Петровска во видео пораката.

OhridNews