Забраната за пловидба што Капетанијата, односно Министерството за транспорт и врски ја изрече за патничките бродови кои пловат на Охридското Езеро, е уште еден удар за охридскиот туризам, изјави денеска градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

-Во екот на туристичката сезона не е време да се превземаат вакви санкции, од кои штета имаат не само бродарите, туку и гостите кои престојуваат во Охрид, но и угостителите и занаетчиите во Св. Наум, затоа што 80 проценти од гостите кои  го посетуваат манастирскиот комплекс доаѓаат со брод.-рече Петрески.

Охридските бродари кои денеска присуствуваа на седницата на Советот, уште еднаш побараа да се реши проблемот затоа што штетите кои ги трпат секојдневно се зголемуваат.

-Откажани се бројни тури, свадби, а не сообраќаме ниту на редовните линии.-се пожалија бродарите. Тие потенцираа дека не сакаат проблемот да добие политичка димензија и дека побарале средба со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со цел да се реши ваквата состојба.

Т.К.