Празникот на Жената 8-ми Март беше искористен од градоначалникот Александар Петрески како повод за мала посета и обиколка на гинеколошко – акушерското одделение при општата болница во Охрид. Во придружба на директорот на болницата д-р Арсo Митрески и директорот на одделението д-р Арнаудов, Петрески им подари на родилките и нивните новороденчиња кои моментално се сместени во болницата скромни подароци и им пожела добро здравје пред се` и среќен празник. Меѓу подароците беше и прирачникот за родилки „Моја книга“ која содржи совети за младите мајки како да го одгледуваат детето како и значењето на доењето на бебето.


На новинарско прашање за начин на решавање на проблемите во Општата болница (стар инветар и апаратура, долг од 1 ипол милиони евра и др.), градоначалникот Петрески и директорот на болницата Митрески се сложија дека Локалната ќе мора со донации да помага иако болницата е под директна ингеренција на Министерството за здравство, сепак „најважни се луѓето кои живеат во Охрид и бараат помош во охридската болница“

Д-р Арнаудов информира дека во минатата година имало 630 новороденчиња. Трендот на намалување на бројот на новородени деца од последниве години е запрен и „се надеваме дека ќе почне да расте“ – изјави Арнаудов.