Високиот водостој предизвика дефект на дел од недоизградениот колекторски систем на источното крајбрежје. Пречистителните станици не можат да ја прифатат надојдената вода поради што шахтите се отворени и таа непречистена се излева во Езерото. Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, денеска предупреди дека во опасност е и меѓународниот пат  Охрид Св. Наум, и стравува дека може да дојде до негово поткопување.

Tој информираше дека локалната самоуправа ангажирала екипи кои работат на зацврстување на патот со камења и друг цврст материјал, со цел да се спречи негово поткопување.

– Ситуацијата е навистина критична. Проблеми има секаде, а не само на крајбрежјето. Скребатска река веќе е излеана, неколку куќи се поплавени. Меѓународниот пат кон Свети Наум е поткопан и во секој момент може да се урне, предупреди Петрески.

Тој истакна дека надојдената вода директно се заканува да ги поткопа и цевките на колекторот за заштита на Охридското Езеро, што се сместени во крајбрежјето и се на директен удар на брановите. 

– Постои опасност и по водоводниот цевковод и подземните електрични и поштенски кабли, кои веќе наместа се излезени на површина. Ги повикувам надлежните да излезат на терен и да видат, истакна Петрески.

Петрески денеска ги посети и погодените подрачја во Пештани каде подземните води навлегоа во голем број куќи. Предизвикана е поголема материјална штета, а граѓаните во очај бараат помош од локалната и централната власт.

Градоначалникот рече дека локалната е подготвена да помогне но одговорноста ја префрли на  централната власт која како што рече крајно време е да ги реши реалните проблеми на граѓаните затоа што во прашање е нормлано живеење на луѓето. Треба да се превземат конкретни чекори, регулација на речните корита, регулација на езерото , потпорни ѕидови вдолж меѓународниот пат СВ Наум.

– Треба многу работи да се направат и штом ги звршиме тие приоритите можеме да зборуваме и за колиби и за Плаошник и споменици и коњи и за магариња и за лавови,  сега треба да ги решиме овие реботи што ги тиштат граѓаните – заврши Петрески.

Мирко Постоловски
фото: Васко Бујароски