„Во Охрид воопшто не требаше да има приговори. Тоа не е лошо за мене, туку за градот“, изјави неофицијално старо-новиот градоначалник на Охрид, Александар Петрески.

Дали Управниот суд ќе ги оспори или не приговорите, Петрески рече дека нема да ги коментира. Коментарите  во врска со изборниот процес и извештајот на државната ревизија ќе бидат објавени на нашата веб-страница, рече Петрески.


Тој најави дека во наредниот период Општината интензивно ќе работи на уредување на градот за претстојната туристичка сезона, што денеска започна со реконструкција и санација на улиците „Мите Богоески“ и „Димитар Влахов“ во централното градско подрачје.

„Ќе се асфалтираат околу 500 метри  на улиците во централното градско подрачје. Ова е потврда на тoа што зборував, дека не ги делам граѓаните според политичка или друга основа , туку продолжуваме да работиме секаде каде што е потребно. Продолжуваме  со реализирање на иницијативата, Охрид инфраструктурно да се среди. Годинава комплетно ќе го средиме, за да можеме да работиме и други полиња“, рече во изјава за локалните медиуми Петрески.


Според него, овој дел од центарот на Охрид, не смее да го има сегашниот лик. „Привилегија е да се живее во централното градско подрачје, но треба зградите овде и двороите треба да добијат поубав лик“, додаде тој. Петрески очекува гости за Велигден како и минатите години. Пред се, тоа се гости од нашето опкружување, најмногу од Србија, Бугарија и Грција, рече Петрески.

Ohridnews