Со набавка на информативните екрани на допир делумно ќе се реши проблемот со дивите станоиздавачи, затоа што преку овие екрани ќе се пласираат информации единствено за легално регистрираните станоиздавачи, беше истакнато на денешната прес- конференција, на која зборуваа градоначалникот Александар Петрески и раководителот на Секторот за локален економски развој, Гоце Симоноски.


Не можеме да ја откриеме цената по која ќе бидат набавени екраните, затоа што тендерот е во фаза на разгледување, но одговорно тврдиме дека ќе се избере операторот со најповолна понуда и за многу помала вредност од онаа со која се шпекулира деновиве во јавноста, рече Симоноски. Како што тој потенцира, тендерот е распишан согласно Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2010 година и е дел од стратегијата за одржлив развој на туризмот.


Шпекулациите кои се пласираат од страна на ВМРО- ДПМНЕ околу цената по која ќе се набават екраните на допир, е обид на актуелната власт да се прикријат условите под кои тие распишуваат тендери, како што е оној за поставување интернет- киосци до подрачните училишта во руралните средини кои чинат многу повеќе од информативните екрани, а се поставуваат и без потребните одобренија од училиштата, рече градоначалникот Петрески.


За својата работа градоначалникот и локалната самоуправа одговараат пред граѓаните и соодветните органи кои треба да ја контролираат нивната работа, а не политичките партии, рече Петрески и додаде: – За жал ВМРО- ДПМНЕ продолжува да се занимава со нас, затоа што е очигледно дека нема попаметна работа.

Овие екрани му се потребни на Охрид и туристите кои доаѓаат и ќе го надополнат недостатокот од информации кој досега постоеше. За почеток ќе се набават само неколку, зависно од условите и средствата со кои располагаме. Екраните ќе се постават на неколку- најфреквентни локации со туристи. За нивна заштита ќе бидат поставени и безбедносни камери, велат од Локалната самоуправа.

Т. Кувенџиска